13. "Денови на македонскиот мед"

Пчеларите со апел до граѓаните да купуваат квалитетен мед, а не гликозен сируп

Покрај слабите приноси пчеларите се соочуваат и со нелојална конкуренција поради ниската цена на овој производ во маркетите и на пазарите. Поради тоа тие апелираа до граѓаните доколку сакаат да си го заштитат здравјето да купуваат од познати производители, а не од маркети и од пазар. Цената на медот на домашниот пазар годинава се движи од 400 до 500 денари за килограм

Поради неповолните временски услови оваа година е катастрофална за пчеларите, а количините на мед по кошница се многу мали. Слабите приноси, а и повисоката цена на медот во регионот, Србија, Бугарија и Грција, каде таа се движи околу 600 денари, се причина за раст на цената на медот на домашниот пазар која се движи од 400 до 500 денари за килограм.

Покрај слабите приноси пчеларите се соочуваат и со нелојална конкуренција поради ниската цена на овој производ во маркетите и на пазарите.

Поради тоа пчеларите на денешната манифестација "Денови на македонскиот мед" апелираа до граѓаните доколку сакаат да си го заштитат здравјето да купуваат природен мед од познати, домашни, сертифицирани производители, а не пакуван, од пазари, патишта и продавници. Пчеларите бараат на декларациите на медот обврзно да стои кој е производител, а не само кој е пакувач, како сега.

- Нелојалната конкуренција предизвика големи штети не само на пчеларите и на медот, туку и на граѓаните. Во државата се увезуваат големи количества гликозен сируп во шлепери кој маркетите го набавуваат по цена од 80 денари, а потоа како мед го продава по цена од 240 денари за килограм што е за три пати повеќе, вели Павле Бошкоски поранешен претседател на пчеларско здружени "Матица" и додава дека гликозниот сируп во големи количества е штетен за здравјето на луѓето.

Пчеларите годинава ја оценуваат како исклучително лоша, пред се, поради пролетниот мраз, но нелојалната конкуренцијата, велат, и натаму останува нивен клучен проблем. Државата, според нив, треба да ги зголеми субвенциите или, покрај нив, да обезбеди и друга, дополнителна поддршка, како и да ги зајакне инспекциските контроли.

- Лани од едно презимено пчелно семејство извадивме само 2,4 килограми мед, додека годинава само 1,3 килограми. Затоа прогласивме елементарна непогода. Причини за тоа беа ладните зими и пролетниот мраз кој ги уништи ларвите. Исто така, и летово беше многу жешко поради што пчелите не можеа ништо да соберат. Принудени сме да ги храниме со сируп за да ја презимат годинава, изјави претседателот на Пчеларската федерација на Македонија, Јане Марков.

Во Македонија им 6.500 одгледувачи на пчели со 234 пчелни семејства.

- Годинава е тешка за пчеларството во Македонија. Неповолните временски услови, екстремно ниските температури и и сушата предизвикаа големи загуби во овој сектор. Поради тоа, ние ќе работиме на решавање на проблемите, сузбивање на нелојалната конкуренција и поголема финансиска поддршка. Пред месец и половина во еден ден исплативме над два милиона евра субвенции за пчелни семејства. Внимателно ја следиме состојбата на терен и ќе преземаме соодветни мерки во корист на пчеларите, истакна министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Покрај медот, на штандовите може да се сретнат разни производи од мед, како матичен млеч, полен, прополис, восок и пчелин отров, кој во комбинација со медот претставуваат вистински лек за многу болести.

По повод годинашната манифестација "Денови на македонскиот мед", ЈП "Македонски пошти" пушти во промет две поштенски марки со лик на пчела, со номинална вредност од 18 и 72 денари во тираж од 6.000 примероци.

Фестивалот на медот се одржува 13. година по ред. На штандови поставени на улицата „Македонија# ќе бидат изложени пчелни производи од над 30 изложувачи од цела Македонија, а посетителите ќе можат да дегустираат мед.

Покрај медот, може да се сретнат разни производи од мед, како матичен млеч, полен, прополис, восок и пчелин отров, кој во комбинација со медот претставуваат вистински лек за многу болести.

(А.С.)

Најнови вести

Коментари