МЕРКИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ВРАБОТЕНОСТА

Обезбедени 16 милиони евра за вработување на млади, до крајот на годинава

Акцент со мерките е ставен на зголемување на вработливоста на младите лица до 29 години, а приоритет ќе биде и еднаквото учество на мажите и жените во нивното искористување...

Шеснаесет милиони евра се обезбедени за активни мерки за вработување со кои треба да бидат опфатени 41.562 невработени лица до крајот на годинава.

Акцент со мерките е ставен на зголемување на вработливоста на младите лица до 29 години, а приоритет ќе биде и еднаквото учество на мажите и жените во нивното искористување, информира денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, презентирајќи ја ревизијата на Оперативниот план за оваа година.

Како дел од позначајните мерки, за кои со ребалансот на Буџетот се обезбедени дополнителни два милиона евра, таа на денешната прес-конференција ги посочи грантирањето на 140 млади невработени лица за „старт ап" бизниси со по 10 илјади евра неповратни средства, мерката за микро и малите бизниси да можат да креираат 250 нови работни места. Исто така, 400 лица ќе бидат вклучени во општествено корисна работа, со што ќе се креираат услуги на локално ниво, а дополнително над 1.000 млади луѓе ќе добијат активна поддршка од бизнис млади ментори со цел да имаат поуспешна кариера за соптствен бизнсис или за вработување.

Министерката најави дека продолжува поддршката и на лицата со попреченост и информира дека тие ќе добијат можност да користат грант од 4,5 илјади евра за отворање свој бизнис или за генерирање нови 150 работни места.

Овој план, рече таа, првпат овозможува вклучување на граѓанските организации да користат мерки за вработување. Исто така, има мерки и за социјално претприемништво, чии резултати ќе служат како пилот за носење закон за социјално претприемништво, што овозможува креирање на работни места и за поранливите категории граѓани. Околу 5,5 милиони евра се наменети за правни лица кои можат да аплицираат за финансиска поддршка за зголемување на обем на работа и отворање нови работни места. Првите четири огласи за мерките ќе поќнат да се објавуваат во текот на наредната недела.

- Со овие измени Владата се става во служба на граѓаните и целосно одиме во правец на исполнување на програмата која ја ветивме пред, а тоа е зголемување на вработувањето, но и вработливоста на граѓаните, пред се младите и оние кои се во социјален ризик, рече Царовска.

Луиза Винтон претставникот на УНДП во Македонија, која дава поддршка во реализација на дел од мерките, истакна дека прашањето на неработеноста е горливо прашање за чие решавање е потребно посветено и континуирано работење.

Невработеноста во Македонија, рече Винтон, е поврзана и со сиромаштијата, бидејќи само 9 проценти од вработените се во ризик од сиромаштија, а кај вработените ваквиот ризик е четирипати поголем, односно е околу околу 40 проценти.

Исто така, рече Винтон, недостигот на можност за кариера за младите ги потикнува стапките за миграција, а истражувањето на УНДП лани покажало дека 61,5 проценти од младите лица од 15 до 29 проценти ја гледаат иднината надвор од Македонија.

Затоа, рече Винтон, битно е што отворањето на на работни места особено за младите лица е приоритет на оваа Влада.

Поврзани

Најнови вести

Коментари