По субвенциите и даноците следат нови измени

Најавени се промени и во пензискиот систем

Нови законски измени за промени во пензискиот систем подготвува министерството за труд и социјална политика. Оттаму велат дека крајната цел е да се постигнат повисоки комбинирани пензии за членовите во тростолбниот систем.

Нови законски измени за промени во пензискиот систем подготвува министерството за труд и социјална политика. Оттаму велат дека крајната цел е да се постигнат повисоки комбинирани пензии за членовите во тростолбниот систем. Надлежните министерства разгледуваат повеќе опции за да се одржи пензискиот систем во земјава на долг рок – велат од Министерството за труд откако вчера Светска Банка побара решение за се поголемиот финансиски притисок врз тростолбниот пензиски систем. Не прецизираа дали се размислува за подигање на старосната граница за одење во пензија, раст на придонесот за пензиско осигурување, промени во коефициентот за пресметка на пензии, намалување на процентот кој се одлева во приватните пензиски фондови како привремено решение или пак нешто друго. Од министерството велат дека од јуни досега, воспоставениот Совет за следење на состојбите во пензискиот систем ги направил потребните анализи кои се основа за законски измени, но засега не излегуваат со детали за нив.

„ Активностите продолжуваат и во наредниот период, а за утврдените состојби и можни решенија јавноста континуирано ќе биде запознаена. Како една од првичните мерки кои ќе спречат натамошно зголемување на дефицитот на државниот пензиски фонд е враќањето на системското законско решение за усогласување на пензиите според формулата: 50% од порастот на платите и 50% од порастот на трошоците на живот два пати годишно во 2017 и 2018 година. Значајно е да се нагласи дека од септември нема задоцнување во преносот на средствата по основ на придонес за пензиско и инвалидско осигурување на личните сметки на 470 илјади членови во двете пензиски друштва"

Светска Банка вчера алармираше дека мора да се намалат високите трансфери кон државниот фонд за пензиско осигурување.

Парите кои се издвојуваат за пензии секоја година се повеќе се зголемуваат. Наредната година за исплата на пензии ќе се потрошат 878 милиони евра, што е за 34 милиони евра повеќе од годинава. За трансфер од буџетот кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се предвидени рекордни скоро половина милијарда евра. Од нив 340 милиони ќе се потрошат за исплата на пензии, а остатокот е за здравствено осигурување на пензионерите, пензиско осигурување на стечајците и слично.

Поврзани

Најнови вести

Коментари