Нерамнотежа на пазарот на недвижности

На залиха 13.636 нови станови, а старите се 15 пати попродавани

Годинава се продадени 360 нови станови помалку од лани, со што продажбата е падната за над 72 проценти, а вкупното намалување, вклучувајќи ги и старите, изнесува 32,4 проценти

Се зголемува бројот на непродадени новоизградени станови. Во вториот квартал од годинава Агенцијата за катастар на недвижности во својот Регистар на цени и закупнини евидентира 3.663 нови станови понудени на пазарот на недвижности, што во однос на претходното тримесечје е зголемување за 633 стана.

Но, на потенцијалните купувачи изборот им е далеку поголем, зашто на таа бројка треба да се додадат уште 9.973 станови кои не се готови, но за нив Катастарот издал листови за предбележување градба, што значи наскоро ќе бидат вселиви. Вакви станови во вториот квартал од годинава имало за 1.196 повеќе отколку во првиот. Со ова вкупната понуда на нови станови на пазарот на недвижнини достигнува 13.636.

- Може да се констатира дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови, се оценува во последниот Извештај на Регистарот на цени и закупнини.

Сепак, ако овие податоци се споредат со оние за продажбата, ќе се види дека расчекорот меѓу понудата и побарувачката на нови станови на пазарот на недвижнини е голем, а условите се такви што апетитите на купувачите се насочени кон старите станови. Така, според податоците од Регистарот, во периодот април - јуни на целата територија на Република Македонија се продадени 139 новоизградени станови што е за 88 станови повеќе од првиот квартал во 2017 година, но е само една десетина од бројот на понудени станови на пазарот. Истовремено, продадени се 15 пати повеќе стари станови или 2.185. Вкупно, во второто тримесечје се регистрирани 2.336 купопродажни договори за станови.

Споредбата на податоците за продажбата на новоградбите со истиот период лани, дава уште поалармантни бројки. Годинава се продадени 360 нови станови помалку, или продажбата е падната за над 72 проценти. На намалување на интересот за купување станови укажува и податокот дека споредено со истиот квартал лани, годинава вкупната продажба на станови има пад од 32,4 проценти.

Најновите податоци на Државниот завод за статистика укажуваат на тоа дека градителите на станови даваат соодветен одговор на ваквата сиитуација, воздржувајќи се од градење. Во јули општините низ државата издале одобренија за изградба на вкупно 210 станови, што е најмал број од почетокот на годината. На пример, само месец претходно, во јуни, издадени се над 900 градежни дозволи, а во мај, пак, ги имало повеќе од 1.000.

Со дозволите дадени во јули, станбениот фонд во државата треба да се збогати со нови 19.748 квадратни метри, а најбројни се двособните станови, каков што треба да биде секој четврти новоизграден.

Повеќе од половината од становите за кои се издадени градежни дозволи во јули се градат во Скопскиот регион, или 120. Најмалку станови е предвидено да се изградат во Вардарскиот регион, само пет и тоа сите во Велес. По општини, најмногу станови се градат во скопски Карпош. Таму од вкупно 210-те предвидени станови низ целата држава, треба да се изградат 74. Следна е Струга, каде во план е градба на 22 стана.

(С.Ву.)

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари