Ревизија за начинот на доделување на државното земјиште

МЗШВ ќе ги чешла договорите за распределба на државно земјоделско земјиште

Резултатите од ревизија ќе покажат на кој начин се доделувало земјоделско земјиште, дали се исполнувале законските одредби и дали целиот овој процес бил транспарентен. Ревизијата, исто така треба да покаже дали државното земјоделско земјиште било доделувано во рацете на вистинските земјоделци и било користено согласно намената

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство-МЗШВ ќе започне со ревизија на начинот на распределба на државно земјоделско земјиште во изминатите десет години. Ќе се направи длабинска и опсежна анализа тргнувајќи од договорите склучени во 2016 година па наназад, а првите резултати се очекуваат до 31 декември годинава.

- Резултатите од ревизија ќе покажат на кој начин се доделувало земјоделско земјиште, дали се исполнувале законските одредби и дали целиот овој процес бил транспарентен. Ревизијата, исто така треба да покаже дали државното земјоделско земјиште било доделувано во рацете на вистинските земјоделци и било користено согласно намената. Поради обемноста на материјалите, ревизијата ќе трае подолг временски период, изјави министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

Тој додаде дека ќе се анализираат сите 7.000 договори, бидејќи постојат сознанија дека се направени злоупотреби и склучени договори без овластувања.

- Променет е планот за внатрешната ревизија и дадени се сите овластувања од моја страна. Направени се сите неопходни состаноци со цел најтранспарентно да се одвива оваа активност. Од она што сум информиран ќе стане збор за длабинска и опсежна активност која ќе започне со ревизија на последните огласи кои се спроведени, истакна Николовски.

Како што информираше тој има индиции за незаконски склучени договори и анекси, а веќе е покрената постапка и за раскинување на договори со илјадници хектари поради тоа што со години не е плаќан надомест за закуп.

- Ќе преземеме и други активности кои ќе опфатат друг дел на постапката освен начинот на објавување на огласите и законитоста на постапката за доделување на земјоделско земјиште, ќе се испитува дали тоа земјиште го користи тој што го добил или го дава во под закуп на други лица, појасни Николовски.

Според податоците на Агенцијата за катастар за недвижности, земјоделското земјиште во сопственост на државата изнесува 170 илјади хектари, од кои под закуп се 100 илјади хектари.

Еден од приоритетите на МЗШВ е целосно искористување на развојниот потенцијал на земјоделското земјиште, а тоа ќе се оствари преку окрупнување на земјиштето, зголемување на искористеноста што ќе значи поголемо производство и поголеми приходи за земјоделците.

МЗШВ со делегацијата на Европската унија и Светска банка веќе договори анализа на влијанието на субвенциите. Оваа анализа ќе го испитува самиот процес на доделување на субвенции, односно дали тие се давале на вистинските земјоделци и се користеле за таа намена за која биле доделувани.

(А.С.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари