Манчевски: Со буџетот за 2018 година конечно ќе се обезбеди автономност за МРТВ

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска го претстави буџетот за МИОА за следната година, во рамките на серијата конференции посветени на образложување на Прелог Буџетот.

Притоа Манчевски истакна дека вкупниот буџет на министерството за идната година изнесува 1.486.050.000 денари, што е зголемување за 3,5 пати во споредба со претходниот.

Сепак, како што најави, најголемиот дел од овие пари, односно 1.190.000.000 денари ќе одат за финансирање на Македонската радио-телевизија, Македонска радиодифизија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Со ова обезбедивме пред се стабилно и независно финансирање на овие три чинители од радиодифузната дејност. Ова одржливо финансирање, конечно на МРТВ ќе и даде шанса за развој на автономна и независна уредувачка политика“, истакна Манчевски.

Голем дел од стратешките проекти на министерството за следната година се со поддршка на ЕУ и меѓународната заедница, а Манчевски најави дека со делот на буџетот од развојната програма, во вредност од 146.540.000 денари, МИОА ќе финансира неколку капитални проекти меѓу кои и Централниот електронски регистар на население преку кој граѓаните ќе добијат сопствен електронски идентитет со што ќе може да се идентификуваат и да добиваат електронски услуги од страна на институциите.

Во текот на 2018 година, ќе биде пуштен во употреба и новиот Национален портал за е-услуги, кој значително ќе го зголеми бројот на услуги што државата ќе им ги нуди на граѓаните по електронски пат.

Министерството следната годинина ќе инвестира и во нова и побезбедна систем сала, во која на едно место ќе се смести најголемиот дел од опремата во државна сопственост. Со тоа се очекува државата да оствари големи заштеди кои може да се вложат во зголемување на опсегот на електронски услуги за граѓаните.

Манчевски најави дека ќе се работи и на надградба на постоечката инфраструктура, за администрацијата да биде побрза и поефикасна, со цел граѓаните да добиваат подобри услуги.

„Во делот на реформата на администрацијата, генерално можам да кажам дека фокусот на реформите во 2018 година ќе биде ставен во делот на дигитализацијата, како клучен дел на било која реформа на администрација во 21-от век“, истакна тој.

Притоа нагласи дека целта за модернизацијата и дигитализација на администрација не е само декларативна заложба, туку е реална посветеност на министерството. Во буџетот за 2018 тоа е планирано да се постигне преку: стручни усовршувања и обуки на административните службеници, вложувања во стандарди за квалитет (ИСО) и управување со истиот (CAF).

Министерот за информатичко општество и администрација најави дека во текот на пролетта 2018 ќе биде домаќин на првиот историски ИТ Самит на земјите од Западниот Балкан. Во Скопје ќе бидат присутни политичките лидери од Балканот и ЕУ, но и лидерите од ИТ индустријата, како и на глобалните медиуми.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари