Објавена карта на богатството

Македонија е на картата на сиромашните

Картографот Јакуб Мариан на својата веб страна објавил карта која ја прикажува распределбата на богатството во Европа.

Податоците прикажани на картата се темелат на анализите на швајцарската мултинационална финансиска компанија "Credit Suisse", која го мери богатството со собирање на вредноста на финансискиот и останатиот имот и со одземање на вредноста на долговите.

Објавената карта на Европа ја прикажува средната вредност на тоа богатство по возрасна личност во секоја држава, изразено во американски долари, а картата е објавена на порталот jakubmarian.com.

Како што пишува хрватски Index, оваа карта треба да се "земе со резерва".

Имено, податоците не се целосни за некои земји од ЕУ. За некои земји од ЕУ се користи пресметка базирана на вкупните салда на домаќинствата кои бележат што на одреден ден поседува домаќинството, односно што должи, а за некои земји се користени податоци основани на финансиските салда, во кои е вклучен само финансискиот имот. Во вкупното салдо на домаќинствата е вклучено се, па и недвижнините, вели за Index економистката Ведрана Прибичевиќ.

Од сите поранешни екс-Ју држави, најбогата е Словенија, додека на второто место се наоѓа Хрватска. Македонија во таа група се наоѓа само пред Србија, додека на ниво на целиот Балкан Македонија се наоѓа пред Србија и Албанија. За Косово нема податоци.

Држава со најголемо богатство е Исланд, чие средно богатство изнесува 445.000 долари по возрасен жител. На второ и трето место се Швајцарија и Луксембург, а веднаш зад нив се Норвешка, Франција и Велика Британија.

Најсиромашни земји во Европа се Украина и Белорусија, чие средно богатство изнесува по 100 и 900 долари по возрасен жител.

Поврзани

Најнови вести

Коментари