Анализа на Виенскиот институт

Македонците дури за 30 години ќе живеат како Европејци!

Како што појасни Владимир Глигоров, врвен експерт од Виенскиот институт, во европскиот стандард ќе може да ужива и да го дочека младата популација која сега има 20 години, но доколку македонската економија во следните 30 години има раст на БДП од 4 %

Ако сега имате 20 години, тогаш ќе имате 50 и ќе можете добро да живеете, односно да живеете со просечен европски стандард - појасни Глигоров

Македонските граѓани ќе го достигнат европскиот стандард на живот за 30 години доколку во наредните години има раст на БДП во земјава 4 проценти, а растот во ЕУ да биде 2 проценти.

Анализата е дел од најновата научноистражувачката студија "Македонскиот извоз# изработена од страна на Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Дел согледувањата на оваа студија за 30-годишната македонска економија беа презентирани во Скопје од страна на Владимир Глигоров, врвен експерт од Виенскиот институт , а таа е изработена на барање на Стопанската комора на Македонија.

- Европски стандард ќе може да го дочека младата популација. Ако сега имате 20 години, тогаш ќе имате 50 и ќе можете добро да живеете, односно да живеете со просечен европски стандард - појасни Глигоров и дополни дека затоа е неопходно да се вложува многу во развојот на економијата, особено во науката и доброто образование.

Овој меѓународен експерт смета дека за раст на економијата во Македонија најважна е поддршката на домашните компании кои своите производи треба да ги пласираат на странските пазари. Да се вложува во иновативни проекти, во научно-технолошки процеси и да се спроведат активни мерки за вработување.

- Развојот на домашните претпријатија е апсолутно клучно. Странските инвестиции и технологијата се добредојдени, но земјата мора да има сопствен претприемнички потенцијал, рече Глигоров, и додаде дека домашните компании се многу ориентирани на домашниот пазар.

Глигоров смета дека макроекономската рамка е добро поставена и дека политиката на фиксниот курс на денарот е добра и на неа стопанството добро се приспособува и порачува дека има простор за реформи во даночниот систем.

Меѓу препораките што ги посочи се продолжување на инвестициите во инфраструктурата и земјата активно да учествува во Берлинскиот процес.

Според истражувањето, главните проблеми во изминатите 30 години се ниската вработеност и високата невработеноста која е траен проблем, бидејќи околу 25 % од активното население е невработено.

Глигоров информира дека во развиените европски земји стапката на невработеност е до 5 %.

- Нестабилноста, затвореноста на стопанството односно нискиот извоз, трговијата се главните параметри кои го диктираат развојот и на раст на вработувањето - смета Глигоров.

На презентацијата на студијата што ја организираа Стопанската комора на Македонија и Виенскиот институт присуствуваа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и извршниот директор на Виенскиот институт, Елизабет Хаген.

Таа нагласи дека нивниот институт веќе 40 години ги анализира економиите на 22 земји од Централна и Источна Европа, а меѓу нив е и Македонија.

Премиерот Заев укажа дека презентираната студија е значаен придонес во процесот на креирање на владините политики. Според него токму Владата силно ќе ги поддржува домашните претпријатија, бидејќи тоа ќе и овозможи на Македонија да стане успешна економија.

- Мора да фатиме чекор со западноевропскиот развиен свет каде и природно припаѓаме - нагласи Заев.

Премиерот е оптимистички е убеден дека нема да треба да се чека 30 години за дојдеме до 90 отсто од она што значи европски просек, дека може да се постигне раст на економијата од четири проценти, но македонската економија може и многу повеќе.

Изрази уверување дека силни домашни претпријатија се столбот на стабилна растечка економија, нови вработувања и високи плати и затоа, посочи, Владата ќе го поддржи нивниот раст и развој.

- Покренуваме процес за развој на економијата што ќе го јакне домашното стопанство и ќе генерира квалитетен стандард за сите граѓани на Република Македонија. Подготвуваме план за економски развој од кој придобивка ќе почувствуваат мнозинството граѓани. Сакаме нашата економија да има раст од 5 % од БДП , да се зголеми извозот, а домашните компании да учествуваат повеќе во тоа - вели премиерот Заев и дополни дека ќе ги форсираат подеднакво и домашните и странските инвестиции

Вицепремиерот Анѓушев го истакна значењето на извозот бидејќи Македонија е мала држава и мала економија и мора да биде извозно ориентирана.

- Сите индустрии во Македонија мора да бидат извозно ориентирани. Извозот учествува со 50 проценти во БДП. Доколку не стигнеме до 70 проценти не можеме да сметаме на сериозен раст на економијата, рече Анѓушев.

Најави дека денеска ќе бидат претставени мерките за поддршка на економијата кои имаат три столба наменети за домашните и странските инвеститори, за извозот, како и развој на малите и стрдните претпријатија во земјава според урнекот на Израелскиот модел.

(В.Ма.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари