ЛЕТНО И ЗИМСКО ВРЕМЕ: Ако ЕУ го укине, логично би требало и ние

Широки анализи и согледувања треба да покажат каков ефект би имала врз македонското стопанство одлуката за укинување на зимското и летното сметање на времето. Ова е ставот на Дирекцијата на здруженија и регионални комори при Стопанската комора на Македонија, чија директорка Билјана Пеева Ѓуриќ смета дека земјоделскиот би бил еден од оние сектори би биле најпогодени доколку Европската комисија ја прифати одлуката на Парламентот.

„Доколку од ЕК биде одлучено да се укине летното и зимското сметање на времето, тогаш како резултат на тоа што ЕУ е нашиот најголем надворешно трговски партнер и имајќи предвид дека над 80 проценти од нашиот извоз е насочен кон овие пазари, за да нема разлика во соработката со компаниите од тие пазари сметаме дека ваквото решение би било логично да се примени и кај нас. Целта на ваквото воведување и разлики од 1 час е направено пред се' од аспект на поголеми заштеди на електрична енергија и повеќе користење на дневната светлина", вели Пеева Ѓуриќ.

Од Дирекцијата на здруженија и регионални комори додаваат дека доколку Комисијата ја усвои одлуката, но тоа не се примени во земјава, во прв налет тоа би можело да се одрази од економски, односно од трошковен аспект.

Прво во областа на транспортот, преку пореметување на утврдените возни редови, усогласување на софтверските решенија кои се применуваат во надворешно трговското работење и така натаму. Укинувањето на зимското и летното сметање на времето, европратениците го изгласаа до 384 гласа за, а 154 беа против. Ваквото сметање на времето ЕУ го воведе во 1996 година, а од тогаш се применува и во Македонија, со посебен Закон изгласан во Собранието.

Поврзани

Најнови вести

Коментари