Млади од Македонија и Бугарија се обучуваа за претприемништво во туризам

Квалитетни услуги испробан рецепт за привлекување туристи

Целта на тридневните обуки беше оспособување на младите и потенцијални претприемачи за осознавање на факторите за успех во туристичкиот бизнис и потребата од истражувања на туристичкиот пазар во насока на започнување на сопствен бизнис и обезбедување на квалитетни и атрактивни туристички услуги.

Што е суштината на туризмот и како да се изработат одржлив бизнис план, маркетинг стратегија и квалитетни туристички производи, беа теми на обуките за млади претприемачи во туризмот, што се спроведоа во Крива Паланка и во Ќустендил.

Обуките ги поминаа 40 млади и потенцијални претприемачи во областа на туризмот од Македонија и Бугарија, кои добија сертификати за основните вештини во туристичкото претприемништво. Активностите се дел од проектот „СТЕПС –Поддршка на претприемништвото и популаризирање на услугите во туризмот", што го спроведуваат здруженијата РЦС „Спектар" од Крива Паланка и Младинскиот општински совет од Ќустендил, финансиски поддржан од ИНТЕРРЕГ ИПА-Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија.

Целта на тридневните обуки беше оспособување на младите и потенцијални претприемачи за осознавање на факторите за успех во туристичкиот бизнис и потребата од истражувања на туристичкиот пазар во насока на започнување на сопствен бизнис и обезбедување на квалитетни и атрактивни туристички услуги.

- Во туристичкиот бизнис не е доволно само да се обезбеди потребната инвестиција, да се изградат капацитетите и да се промовира нова туристичка услуга. За младите претприемачи најважно е најпрвин да го испитаат пазарот, во смисла на потребите на понудата и побарувачката. Поточно, се зависи од тоа дали за одредена туристичка услуга имате заинтересирани клиенти и колку таа услуга ќе ви носи профит и ќе го прави бизнисот одржлив. Залудно е да се нуди некој туристички производ ,колку и да е примамлив, ако нема кој да го купи. Значи, пред се, секој што сака да се занимава со туристичко претприемништво, треба да знае дали има профилирана таргет група за туристичката услуга што ја нуди, изјави проф.д-р Косјо Сточев, експерт од Софија.

На обуката младите претприемачи се интересираа за конкурентните предности на пограничниот регион од Североисточниот дел на Македонија и Ќустендилската област во Бугарија, но и за ризиците во туристичкиот бизнис.

- Кога се изготвува туристички бизнис план, секогаш треба да се направи и проценка на ризиците и да се има план „Б" во случај работите да тргнат во несакана насока. За тоа, пак, е неопходна детална анализа на туристичкиот пазар, како и добра маркетинг статегија и менаџерски вештини. Секој производ треба соодветно да се позиционира и рекламира, а услугите да се прилагодуваат на желбите и потребите на туристите. Во целиот процес, неопходно е и континуирано да се работи на повратната информација, односно на испитување на задоволството на клиентите, смета експертот Веселина Георгиева од Бугарија.

Во рамките на проектот, досега е изработена студија „Можности и предизвици за обезбедување квалитетни туристички услуги и продукти во прекуграничната област", акциски план за зајакнување на претприемништвото во туризмот, а одржани се и неколку тркалезни маси. Во наредниот период ќе се креира онлајн платформа за бизнис консултации во туризмот преку која ќе се одвиваат консултации за стартап бизниси.

На крајот од проектот е предвидено да се одржи конференција за вмрежување на младите претприемачи од регионот.

Поврзани

Најнови вести

Коментари