Еразмус плус

Обезбедени над шест милиони евра за доедукација на кадарот

Квалитетен работен кадар е предуслов за секоја успешна компанија, изјави денеска извршниот директор на Сојузот на стопански комори на Македонија Александар Зарков, на презентацијата на можностите за развој на компаниите преку програмата Еразмус плус 2018, во соработка со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Тој истакна дека програмата Еразмус плус нуди можности за доедукација на кадарот во компаниите, за трансфер на стручно знаење што ќе овозможи зголемување на капацитетот на вработените.

- Буџетот за 2018 година преку оваа програма е над шест милиони евра, и овие средства во значителна мера би придонеле за градење на кадарот во компаниите, рече Зарков, додавајќи оти квалификуван работен кадар е нешто есенцијално што го бараат сите компании.

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми Дарко Димитров, рече дека агенцијата преку Еразмус плус настојува да вклучи и приватни компании.

- Еден од најважните приоритети е премостување на јазот што се јавува меѓу светот на образованието и светот на реалната работа, при што оваа програма значително може да придонесе на сите млади луѓе пред се, но и на сите вработени да се доедуцираат и искуствата и знаењата да ги применат директно на пазарот на трудот, истакна Димитров.

- Грантовите се движат од илјада до 300.000 евра, во зависност од акцијата и концептот на проектот за кој се аплицира. Вообичаено компаниите првично аплицираат за тренинзи и обуки што целосно ги покриваат трошоците за спроведување тренинзи на своите вработени, односно ги покриваат трошоците за пат, котизација за учество доколку се работи за платен тренинг и тие грантови обично се движат од 10.000 до 50.000 евра, рече Димитров и додаде дека две стопански комори се добитници на вакви грантови.

Тој истакна оти се нуди можност и домашните компании да побараат практиканти од земјите членки на ЕУ, на ист начин како што од нашите универзитети се испраќаат практиканти, што, според него, придонесува за интернационализација на самите компании и развивање на контакти надвор од земјата.

Апликациите за соодветните акции се наоѓаат на Интернет страницата на Агенцијата, НАЕОПАМ www.na.org.mk и се пополнуваат електронски, на англиски јазик.

Поврзани

Најнови вести

Коментари