СКОПСКОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО ОТВОРА ФРОНТ ПРОТИВ "ОРКА ХОЛДИНГ"

Камчеви пак затајуваат данок?!

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПРЕД ДВА ДЕНА ПОКРЕНА ИСТРАГА ПРОТИВ ИЛИЈА И ЈОРДАН КАМЧЕВИ ПОД СОМНЕНИЕ ДЕКА ОД 2002 ДО 2004 ЗАТАИЛЕ ДДВ ВО ИЗНОС ОД МИЛИОН ЕВРА

Скопското јавно обвинителство покрена истрага за случајот ОРКА. Пред два дена, велат од Обвинителството, поднесено е барање за поведување истрага против Илија Камчев, извршен директор на ОРКА ХОЛДИНГ и неговиот син Јордан Камчев, акционер во фирмата, за кривично дело затајување на данок на додадена вредност. Како што велат од Обвинителството изминативе денови интензивно се работеше по пријавата на Управата за јавни приходи за случајот ОРКА, при што е констатирано дека постои основано сомнение дека Камчеви сториле кривично дело затајување на ДДВ. Оваа компанија пред десетина дена заработи кривична пријава од Управата за јавни приходи за даночно затајување од еден милион евра, а сега целиот случај се сели во Основниот суд Скопје 1, каде ќе добие своја разрешница. Извори од Скопското јавно обвинителство велат дека се работи за сомнение дека Камчеви затајувале данок во периодот од 2002 до 2004 година во различни трансакции и тоа за изградбата на новата фабрика ОРКА во Скопје на Зајчев Рид, потоа за изградбата на "Систина" и болницата "Мала Богородица" како и во односите со други фирми од Скопје и Демир Хисар. Инаку, ова е втор пат оваа компанија да се товари за даночни проневери. Лани МВР поднесе кривична пријава за неоснован поврат на ДДВ од два милиони евра, при што директорот на скопската Даночна управа, Сезаир Реџепагиќ, беше разрешен од функцијата и против него беше поведена судска постапка. Тогаш, во една поширока акција на неколку инспекциски служби, даночници, но и пазарна и трудова инспекција беа откриени неколку неправилности во работењето на овој холдинг. Од непријавување вработени, до продажба на стоки без декларации, се до огромна сума незконски повратен ДДВ на штета на државата, односно даночните обврзници - граѓаните. Дали станува збор за незаконско работење во континуитет, треба да докажат судските органи.

Весна М. БОЖИНОВСКА

Поврзани

Најнови вести

Коментари