Со новиот Закон за извршување

Извршителите даваат три дена за плаќање милом - потоа наплаќаат силом

Должникот не добива известување дека сметката ќе му биде блокирана, туку налог за присилна наплата со кој од него се бара доброволно да плати во рок од три дена или да каже од која сметка да му се наплати, додека пак за вонсудска наплата, која се применува за долгови направени по 1 јануари годинава, се уште има мал број предмети, појаснуваат извршителите

Безмалку четири месеци по стапувањето во сила на новиот Закон за извршување, граѓаните се жалат дека се уште извршителите без најава им ги блокираат сметките. Исто така, велат дека наспроти воведувањето на вонсудската наплата со која од почетокот на годинава се плаќа колку што е долгот, извршителите и понатаму ги "дерат#, па за сметка од две до три илјади, им наплаќаат 15 илјади денари, дури и повеќе.

Извршителите, пак, имаат објаснување за оваа ситуација и велат дека не се виновни за неа. Според извршителот Гордан Станковиќ, проблемот е во тоа што еден член на новиот Закон за извршување е погрешно протолкуван како обврска должникот да биде известен дека сметката ќе му биде блокирана.

- Таква обврска не постои. Должникот всушност добива налог за присилна наплата, а не известување за блокада. По добивањето на налогот тој треба во рок од три дена да го плати долгот или да ја наведе сметката од која присилно ќе се наплати и да даде слични информации со кои ќе се поедностави извршувањњето. Ако не плати, добива втор налог со кој почнува извршувањето, но тоа не мора да биде преку блокирање сметка, туку и на друг начин, како на пример заплена, за што решава извршителот, а понекогаш за начинот за извршување одлучува и самиот доверител, објаснува тој.

Што се однесува до вонсудската наплата, која се применува за долговите за струја, парно, вода, телефон, кабелска телевизија и одржување на згради, и функционира на тој начин што извршителот го известува должникот за сумата и бара од него да ја плати во рок од 15 дена без дополнителни трошоци, според проценките на извршителите ќе профункционира од почетокот на летото, кога на граѓаните ќе им се соберат повеќе долгови.

Причина за ова е тоа што вонсудската наплата влегува во примена за долгови направени почнувајќи од 1 јануари годинава па натаму, кои за да не застарат, комуналните претпријатија имаат рок да ги тужат најрано до крајот на годинава. Исто така, со новите правила за извршување комуналното претпријатие може да побара вонсудска наплата истпвремено за 11 сметки на еден должник и за тоа да плати седум евра, исто како што би платил за една.

Затоа, се претпоставува дека доверителите, односно јавните комунални претпријатија, телеком-операторите, ЕВН, топлификациите и фирмите за одржување на згради ќе почекаат уште некој месец, па потоа да ги "бомбардираат# граѓаните со барања за вонсудска наплата на повеќе сметки и поголеми суми. Станковиќ посочува дека во моментов во извршителските канцеларии се чувствува одредено затишје, но според негова процена, поголем број налози за наплата ќе почнат да стигнуваат од јуни, јули или август.

- Во последните 10 години во канцеларијата добивав 200 до 400 предмети месечно, а во Комората на извршители доаѓаа по 120.00 до 140.000, главно за наплата од граѓани. Од почетокот на оваа година, односно во јануари, февруари и март во канцеларијата добивам по околу 150 предмети. Има некое затишје, но најверојатно доверителите ги собираат предметите и наскоро ќе ни ги достават, зашто по Нова година ќе почнат да застаруваат, вели Станковиќ.

Тој додава дека граѓаните не треба да се надеваат дека ќе го избегнат долгот, но опоменува дека оваа ситуација може да ја наруши платежната дисциплина на граѓаните, која веројатно ќе попушти поради тоа што нема притисок од извршители.

Инаку, вонсудска наплата се применува за сметки за вода, смет, одржување на заедничките простории во зграда, кабелска телевизија и телефон до 2.000 и парно и струја до 6.000 денари за поединечна сметка. Вонсудска наплата може да се врши истовремено за повеќе сметки до тие суми, но извршителот смее да ја наплати само вкупната сума на долгот плус седум евра за неговиот ангажман.

Се очекува уште еден бенефит од вонсудската наплата да биде и тоа што доверителите би се откажале од ангажирање извршител за малите побарувања, како на пример од 15, 20, 50 или 100 денари, кои досега на граѓаните им задаваа големи главоболки, зашто за нив извршителите им земаа и до 100 евра.

Сепак, и покрај олеснувањата со новиот Закон, граѓаните и понатаму треба да стравуваат од извршителите кога ќе дојдат да им наплатат постар долг, односно долг направен пред 2017 година, зашто во таквите случаи не се применува вонсудска наплата и крајниот цех може да биде и пет и повеќе пати поголем од главнината.

(С.Ву.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари