Здружение за угостителство и туризам

Гостите за Суперкупот нема да спијат во Скопје, не зашто им е скапо туку зашто не им е атрактивно?!

Скопје како дестинација е неподготвено за ваков голем настан, зашто на гостите од странство не може да им се понуди забава во рестораните по 1 часот по полноќ, смета заменик-претседателот на Здружението

Десекратното зголемување на цените на скопските хотели за странците кои ќе дојдат на Суперкупот што ќе се одржи на 8 август, е политика на хотелиерите кои работат пазарно, на што не може да се влијае, е ставот на Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија. Тие сметаат дека причина за тоа што странците ги избегнуваат скопските хотели и резервираат ноќевања во други градови во државата, но и во соседството, како на пример во Белград, Солун, Софија, е неподготвеноста на метрополата како дестинација.

За цените, Даниела Михајловска-Василевска од службата за информирање на Стопанската комора на Македонија, вели дека сега треба да се ангажираат надлежните инспекции и да направат контрола на понудите на Букинг, РБМВ и на другите интернет-сервиси преку кои се букира хотелско сместување.

Според заменикот на претседател на здружението, Горан Дамчевски, странските навивачи го избегнуваат Скопје зашто не им е доволно атрактривно.

- Се работи за неподготвеност на дестинацијата. Ако земеме дека Скопје е дестинација, односно место каде што ќе се одржи Суперкупот, јас сум на мислење дека ние како дестинација не сме подготвени да ги апсорбираме сите барања и желби на гостите и затоа тие одат на друго место, во соседството, каде што можат да добијат повеќе. Кажете ми како вие среде лето во еден часот ќ им ги затворите угостителските објекти. Каде ќе оди, што ќе се случува со таа маса на луѓе? Град Скопје се сети петнаесет дена или еден месец пред активноста да донесе некаков план.Такви работи се планираат малку подолгорочно, вели тој и појаснува дека странците ќе сакаат по натпреварот да се сметат во некој ресторан и таму да поминат два, три, четири или пет часа, а тој се затвора во еден часот по полноќ.

Според него и самите хотелиери не се подготвени за прифаќање на таков вид туристи, кои само преспиваат во хотелите, а потоа цело време се надвор од нив, но признава дека сега хотелиерите и угостителите се на голем испит.

- Зависно од тоа како ќе се покажеме сега, така друг пат ќе добиеме организација на настан од големите спортски сојузи и федерации, смета Дамчевски.

Славе Сирачевски, исто така заменик-претседател на Здружението за туризам и угостителство, со високите цени некои хотели можат да останат празни.

- И ние сметаме дека цените се превисоки, но не ги знаеме официјално за сите хотелии и не би требало да зборуваме паушално. Тоа е нивна оценка, но со тие цени може да промашат, да не се пополнат, тоа е нивен ризик, вели тој.

Додека во Здружението за угостителство и туризам се воздржуваат од коментари за она што им се случува во секторот, британските медиуми на големо пишуваат дека угостителите во Скопје направиле кражба на навивачите на Манчестер (Ј), качувајќи ги цените на над 1.000 евра за ноќ. Исто така, некои македонски сместувачки капацитети одат до таму што ги откажуваат претходните резервации на соби по пониски цени за сега да ги понудат по далеку повисоки. Поради тоа, дел од странците ќе се сместат во Солун, Софија, Белград и ќе си заминат од Македонија веднаш по натрпреварот.

(С.Ву.)

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари