ИНВЕСТИЦИЈА ОД 26 МИЛИОНИ ЕВРА

Германскиот гигант Кромберг и Шуберт отвори фабриката во Македонија

Германската компанија за производство на кабелски инсталации Кромберг и Шуберт" свечено ја отвори фабриката во индустриската зона Жабени во Битола. Во моментов во производствениот погон кој се простира на површина од 20.000 квадратни метри вработени се 835 лица, а до крајот на годината се предвидени нови 200 вработувања. Наредната година бројот на вработени ќе се зголеми за дополнителни 1.000. Инвестицијата вреди 26 милиони евра, а според планот на инвеститорот до 2015 година предвидено е да бидат вработени 3.500 лица.

Премиерот Никола Груевски, кој заедно со градоначалникот на општина Битола, Владимир Талевски, рече дека работеле напорно за да се реализира оваа инвестиција.
- Општината инвестираше во инфраструктурата и поврзувањето, а ние како Влада ја направивме електрификацијата, но и изградивме 5,5 километри далновод. Значењето од оваа инвестиција е повеќекратно за Пелагонискит регион. Вработени се повеќе од 800 луѓе, до крајот на годината ќе се вработат 200, догодина уште 1.000, за до крајот на 2015 да заокружиме со 3.500 нови работни места. Компанијата е извозно ориентирана и ќе има свој придонес за македонскиот извоз во Европа и светот - изјави Груевски.

Тој истакна дека Владата постојано работи на подобрување на условите за инвестирање како на домашните, така и на странските инвеститори.
- Сигурен сум и очекувам дека Кромберг и Шуберт" кога ќе завршат со инвестиците во оваа фабрика, ќе размислат и за втора инвестиција во Македонија - потенцираше премиерот и потсети на примерот на Џонсон Мети" и Џонсон Контролс", коишто отворија по две фабрики во државата.
Сопственикот на Кромберг и Шуберт", Ханс Отто Кромберг, на присутните им ја раскажа приказната како дознале за Македонија и како решиле да го прошират производството, токму во зоната во Жабени.
- На средината на февруари во 2011 година напишавме писмо до Владата со намера за купување на парцела, па на 8 април купивме парцела од седум хектари во оваа област. Со купување на земјата се соочивме со проблем, спротивно на очекувањата дадовме плус 1,5 милиони евра за изградба на фабриката на насипи поради големо количество вода. Ние сме приватна компанија која својот профит го реинвестира во изградба и имама ограничен пристап до финансиски капитал. Финансиската помош од Владата и државната помош во купувањето на земјиштето беше клучен фактор за инвестирање. И затоа сум многу благодарен. Убеден сум дека инвестицијата ќе се исплати за земјата и регионот. Чекор по чекор капацитетите за монтажни модули се воспоставени за две серии за модели на БМВ. Денеска модулите се произведуваат тука и се пренесуваат на доработка во други земји каде што имаме свои фабрики - потсети Кромберг. Тој потенцира дека главната причина поради која се одлучиле да инвестираат во Македонија е евтината работна сила.

Министерот за привлекување на странски инвестиции, Веле Самак, изјави дека визијата на Владата за подобра економија во државата се совпадна со визијата на Кромберг за поуспешна компанија.
- Не само што ќе има можност за 3.500 вработувања, оваа фабрика е дополнителна можност за трансформација на производтсвото, знаењето и кариерата на вработените. Од оваа фабрика не само што ќе има можност да се произведува за БМВ, Мини Морис, Фолксфаген, Ауди, туку ќе се произведува по највисоки производствени стандарди и квалитет - изјави Самак.

Градоначалникот на општина Битола изрази голема благодарност до Владата и истакна дека покрај тоа што Жабени беше планирана за домашни инвеститори, сепак голем успех е што и странска компанија влезе во оваа индустриска зона.
- Над 200 милиони денари инвестиравме во овој дел за овие пет години. Оваа инвестиција ќе охрабри многу стопанственици, во моментов 28 инветститори купиле 48 парцели, шест одобренија за градба и две фабрики ќе започнат да се градат следната недела - изјави Талески.
Кромберг и Шуберт" е компанија стара 111 години, формирана од дедото на Ханс Отто Кромберг и неговиот партнер. Денеска има 22 производствени погони низ целиот свет со 27 илјади вработени. Македонскиот погон е 21 надвор од Германија.

Груевски: Турска компанија ќе гради фабрика во Бунарџик 1
Турска компанија која произведува уринарни катетри и друга медицинска опрема ќе гради фабрика во Бунарџик 1. Договорот, како што информира премиерот Никола Груевски, со оваа компанија поминал на последната владина седница.
- Станува збор за компанија која ќе инвестира во делот на медицинска опрема. Во период од две години ќе вработат 250 лица, на почеток 100, а потоа останатите до 250 лица и ќе инвестираат 9 милиони евра. Договорот помина на Влада, следува потпишување на договорот и почеток за изградба на фабриката - изјави Груевски при посетата во Битолско. Тој додаде дека од турската компанија се информирани дека изградбата треба да почне околу Нова година, а да заврши кон крајот на јули или август наредната година, кога ќе почне и производството.
Договорот за втората компанија ќе биде на наредна седница на Владата, но не подоцна од еден месец, а потоа и таа компанија од Турција ќе почне со својата инвестиција која, како што рече Груевски, е од областа на медицинската индустрија која ќе вработи 250 лица.

(Ал.С.)
Фото: Д.Митрески

Поврзани

Најнови вести

Коментари