Скандалот со опасниот инсектицид се шири низ континентот

Европа се преплаши од холандски јајца, а во Македонија се јадат само српски

Јајцата од холандско производство затруени со инсектицидот фипронил, кои деовиве се откриени и во земји од нашиот регион, се повод за препирки меѓу неколку европски земји, кои ќе ги решава Европската комисија

Аферата со јајцата од Холандија затруени со опасен инсектицид, кои речиси секој ден се "појавуваат" во некоја нова европска држава, вчера ја крена на нозе и Европската комисија, која за овој скандал најави свикување на итен состанок.

Според македонските ветеринарни власти, пак, и покрај тоа што овој проблем ја засега речиси цела Европа, нашите граѓани треба да бидат спокојни, зашто кај нас јајца од Холандија не се увезени. Како што пред некој ден, кога изби оваа афера, информираа од Агенцијата за храна и ветеринарство, Македонија не е на листата на земјите увозници на овие јајца.

- На нашиот пазар во последниот период најголемите количини јајца влегле од Србија. Апелираме граѓаните да купуваат конзумни јајца исклучиво од регистрирани продажни објекти кои ги исполнуваат сите услови, информираа од АХВ.

Инаку, контаминирани јајца се пронајдени во најмалку 11 земји членки на ЕУ, откако на 1 август во јавноста се појави аферата. Досега милиони јајца и производи на база на јајца се повлечени од полиците во супермаркетите ширум Европа. Во Велика Британија, на пример, првично се повлечени 21.000 парчиња, за на крајот истрагата да покаже дека во таа земја биле увезени 700.000 јајца со застрашувачка контаминација со инсектицидот фипронил. Такви јајца имало и во Данска.

Последниве денови доаѓаат информации дека контаминирани јајца од Холандија се јаделе и во нам поблиските земји. Во склад во западна Романија се пронајдени од холандските јајца кои во таа земја дошле преку Германија. Тоа е првиот откриен случај во Источна Европа од избивањето на скандалот. Овие денови и од пазарот во Хрватска се повлекуваат и се уништуваат јајца од холандскиот производител Екоплаза. Во Словачка, на пример, во складиште во местото Врбове, на запад во државата, инспекторите пронашле 21 пакување од спорните јајца.

Скандалот добива епилог. Холандската полиција вчера уапси двајца осомничени директори од компанијата "Чикендфренд# во рамки на истрага за нелегално користење потенцијално штетен инсектицид во живинарската индустрија. Таа холандска компанија е во центарот на скандалот со јајцата загадени со фипронил, но засега нема коментар од надлежните во неа. Поради скандалот, можно е во Холандија да бидат уништени стотици илјади кокошки.

Скандалот со токсичните холандски јајца доби и друга димензија поради која ќе интервенира Европската комисија, која функционира како неформална влада на ЕУ.

- Европската комисија ќе свика вонреден состанок на министрите во врска со јајцата загадени со инсектициди во настојувањето да се стави крај на обвинувањата и омаловажувањата поради овој скандал, изјави вчера еврокомесарот задолжен за здравство, Витенис Андриукајитис.

Тој истакна дека сака Холандија, Белгија и Германија да престанат со размена на меѓусебни обвинувања за тоа кој е одговорен за предизвикувањето паника поради фипронилот откриен во јајцата, хемикалија, која може да биде штетна за луѓето.

- Обвинувањата и прозивките нема да не доведат никаде и сакам тоа да престане. Предложив одржување состанок на високо ниво на надлежните министри и на претставници на агенциите за безбедност на храна на сите држави членки вклучени во овој проблем, откако на располагање ќе бидат сите факти, рече Андриукајитис.

Инсектицидот фипронил, кој е пронајден во јајцата што ја кренаа на нозе Европа, Светската здравствена организација го смета за умерено токсичен и како таков е строго забранет за употреба кај животни кои се користат за исхрана на луѓето.

Поврзани

Најнови вести

Коментари