Научна конференција „ДДВ за физичките лица: дилеми и перспективи"

Експерти дебатираа за намалувањето на прагот на регистрација за даночни обврзници

Промената на прагот на регистрација, кој е симнат од два на еден милион денари, значи дека поголем број граѓани, физички лица кои претходно не биле ДДВ обврзници ќе бидат опфатени. Тие ќе плаќаат ДДВ на закупнините што ги остваруваат како приходи при издавање на деловен простор

Со последните законски измени на Законот за ДДВ, физичките лица кои оствариле дополнителни приходи над еден милион денари по автоматизам стануваат ДДВ обврзници, односно се подложни на плаќање на оваа законска обврска.

Во пракса, ова значи дека секој граѓанин кој ќе оствари над еден милион денари, покрај персонален данок на доход од 10 отсто ќе има обврска да плаќа и ДДВ од 18 отсто. Ова беше констатирано на научна конференција „Данокот на додадена вредност-измени во однос на физичките лица даночни обврзници: дилеми и перспективи".

Директорката на Управата за јавни приходи Анастасија Илиевска истакна дека ваквото решение не е ново и со пакетот на антикризни мерки прагот на регистрација бил зголемен на 2 милиони денари, а од 2014 година е намален на 1 милион денари. Намалувањето на прагот на регистрација, како што посочи Илиевска, е направено со цел да се обезбедат фер и еднакви услови за сите и да се зголеми лојалната конкуренција.

- Намалувањето на прагот на регистрација, е направено со цел да се обезбедат фер и еднакви услови за сите и да се зголеми лојалната конкуренција посочи Илиевска.

Според неа, не станува збор само за обврска на даночни обврзници на ДДВ туку и за доброволно регистрирање на оние кои оствариле годишен приход повисок од еден милион денари.

Илиеска информираше и за новите измени кој ќе стапат во сила од 2018 година, а со кои се предвидува да нема Годишна даночна пријава, туку во текот на годината УЈП да ги евидентира сите приходи и на крај секој граѓанин да добие претпополнета даночна пријава.

- Највпечатлива е промената на прагот на регистрација кој е симнат од два на еден милион денари што значи дека поголем број физички лица кои претходно не биле, сега ќе бидат опфатени како ДДВ обврзници во поглед на закупнините што ги остваруваат како приходи при издавање на простор за вршење на деловна дејност, вели Александра Максимовска, универзитетски професор.

Според неа, не е срамота да се работи и да се заработува еден милион денари, но добро е граѓаните да знаат колку ќе бидат оданочени.

- Сега многу поголем број на физички лица ќе треба да се регистрираат како даночни обврзници. Ние во регионот имаме најнизок праг на регистрирање на ДДВ даночни обврзници. Граѓаните со последната даночна измена ќе се најдат во многу деликатна ситуација, особено оние кои претходно не беа регистрирани како ДДВ обврзници кои издаваат станови, деловен простор и кои само поднесуваа годишна даночна пријава на персонален данок на доход, објасни Максимовска.

За дел од експертската јавност со ваквото решение се зголемува опфатот на даночни обврзници, а со тоа и приходите во Буџетот на Република Македонија.

Тие сметаат дека неопходна е кампања за поголемо информирање на граѓаните затоа што непознавањето на законските измени не ги ослободува од обврските кон Управата за јавни приходи. Од друга страна, со регистрацијата на физички лица како ДДВ обврзници се внесува правна несигурност, а овие измени можат да влијае директно на зголемување на избегнување на плаќање данок.

Измената на прагот на регистрација е направена во 2014 година, а почна со важење од 1 јануари 2015 година.

А.С

Поврзани

Најнови вести

Коментари