ВЛАДАТА ПОТПИША МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА СО ВТОРИОТ ИНВЕСТИТОР ВО ЗОНАТА БУНАРЏИК

Џонсон Мети ќе гради фабрика за автомобилски катализатори

Според Колин Џефри, претставник на "Џонсон Мети", производството ќе стартува во 2009 година и ќе биде целосно наменето за извоз

Мултинационалната компанија "Џонсон мети" ќе гради фабрика за производството на автомобилски катализатори во технолошко-индустриската развојна зона "Бунарџик". Колин Џефри, претставник на "Џонсон Мети" вели дека иако десетина европски земји биле во конкуренција, сепак, компанијата се одлучила да инвестира во Македонија поради квалитетната и расположлива работна сила, владините стимулативни мерки, ниските даноци и малите такси за земјиштето.

Џефри, вчера во Владата, со премиерот Никола Груевски го потпишаа меморандумот за соработка, со кој се предвидува производството на катализатори за автомобили да почне во 2009 година. Претставникот на "Џонсон мети" не сакаше да обелодени колку компанијата ќе инвестира во Македонија, но, нагласи дека станува збор на инвестиција вредна милиони евра, со која ќе се овозможи вработување на стотици луѓе.
- Во конкуренција беа Унгарија, Полска, Чешка, Словачка и Хрватска, но Македонија ја доби предноста бидејќи ги задоволи нашите главни критериуми - изјави Џефри.

Тој додаде дека одлуката е конечна и дека летово ќе почне постапка за вработување.

Премиерот Груевски задоволен што оваа мултинационална компанија ќе инвестира во земјава, најави дека целокупното производство ќе биде наменето за извоз. За инвестицијата бил заслужен министерот за странски инвестиции Веле Самак.

- "Џонсон Мети" е голем предизвик за многу производители во земјава кои можат да станат нивни партнери и сериозен сигнал до многу други светски инвеститори кои размислуваат да бараат локации за проширување на своите капацитети - нагласи Груевски.

Тој не сакаше да открива повеќе детали за потенцијалните инвестиции во земјава додека тие не бидат во завршна фаза, но најави дека една голема исландска фирма планира да инвестира во банкарскиот сектор и во други области.

- Има голем интерес од повеќе познати компании од светот да инвестираат во земјава откако ја објавивме кампањата "Инвестирајте во Македонија". Тоа го покажуваат 200.000 посети на сајтот, над 800 електронски пораки, телефонските јавувања и факсови - вели Груевски.

Вицепремиерот Зоран Ставревски, деновиве, најави дека "Џонсон Мети" ќе инвестира во Македонија 70 милиони евра, при што ќе бидат вработени од 300 до 700 лица.

Валентина МАРЈАНОВИЌ

Поврзани

Најнови вести

Коментари