Рибата се поприсутна на македонските трпези

Дојранските рибни специјалитети мамка за туристите

Дојранска риба засега се продава само на домашниот пазар и тоа веднаш штом ќе се улови. Побарувачката е зголемена, а количините кои се ловат не можат да ги задоволат нараснатите домашни потреби. Најбарана во моментов е карашот и црвеноперката, а во летниот период крапот, линешот, кострешот и сомот

Дојранската риба е се поприсутна на македонските трпези, а специјалитетите од риба се побарани како од домашните, така и од странските туристи. Единствената риба на трска, крап тава, дојрански лангиди од икра, крашник, тава со ориз се само дел од специјалите кои ги подготвуваат дојранчани за нивните гости. Тие велат дека ова се рецепти стари колку и самото езеро и може да се вкусат единствено во Дојран.

Поради исклучителниот квалитет и големата побарувачка целата риба што ќе се улови во Дојранското езеро веднаш се троши во свежа состојба и секогаш се бара килограм повеќе. Покрај локалното население и странските туристи не можат да им одолеат на дојранските специјалитети од риба. Специјалитетите риба на трска и риба на тава треба да се нарачаат неколку часа однапред поради специфичноста на подготвувањето. Се подготвуваат за 4 до 6 лица, а цената се движи од 1.500 до 2.000 денари.

- Дојранска риба засега се продава само на домашниот пазар и тоа веднаш штом ќе се улови. Побарувачката е голема, а количините кои се ловат не можат да ги задоволат домашните потреби. Најбарана во моментов е карашот и црвеноперката, а во летниот период крапот, линешот, кострешот и сомот, вели Илија Парчев концесионер на Дојранско Езеро.

Тој објаснува дека, дојранска кујна и специјалитетите од риби се една од причините поради кои туристите постојано се навраќаат во Дојран. Последните години на менито на угостителските објекти се почесто може да се видат и традиционалните дојрански специјалитети кои се адут во привлекувањето на туристи. Токму затоа дојранчани сакаат да ја зачуваат традицијата, а начинот на подготовка на овие специјалитети да им го пренесат на помладите генерации.

- Количината на риби која се лови зависи од периодот. Зимно време поради главната зимска риболовна сезона, која почнува во ноември, се ловат поголеми количини на риба, но и потрошувачката во овој период е поголема, објаснува Парчев.

Од 2012 година откако беше назначен новиот концесионер на Дојранското Езеро значително е намален бројот на рибокрадци, се воведе ред во риболовот и се зачува рибниот фонд. Минатата година интересот за дневни дозволи за риболов е значително зголемен во однос на истиот период лани. Дневната дозвола за лов со јадица се наплатува по 100 денари, а уловот не е ограничен.

На риболовното подрачје на Дојранското Езеро може да се изведува стопански, рекреативен и спортски риболов.

Стопанскиот риболов е предвидено да се одвива на целото езеро, освен на рекреативните зони, местата кои се определени за мрестење на рибите во одреден временски период и на местата определени за плажи. Овој риболов може да се изведува со употреба на "мандри" и корморани со старите традиционални дојрански чамци (кораби) и соодветен риболовен алат. Стопанскиот риболов може да се изведува и како комерцијален риболов на отворена вода.

На Дојранското Езеро се определуваат 8 риболовни зони за изведување на стопански риболов на традиционален начин и во секоја риболовна зона е предвидена изградба на мандра.
Рекреативниот риболов се организира на рекреативните зони, така што се определуваат две рекреативни зони, а спортскиот риболов е дозволен и истиот се организира согласно со законските одредби.

Поради ниските температури замрзна Дојранското крајбрежје

Во неделата поради минусните температури Дојранското езеро замрзна по крајбрежјето, меѓутоа благодарение на силниот ветер не е замрзнато целосно.
Мразот на крајбрежието достигнува десетина сантиметри дебелина. Инаку, околу 70 отсто од вкупната површина на езерото веќе три дена е покриена со мраз, а птиците од студот и силниот ветер се кријат во засолништа направени во мразот.


(А.С.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари