Уште два ипол месеци за исплата на К 15

До Нова година по 9.000 денари треба да легнат на сметките на работниците

Синдикалците велат дека финансиски добростоечките фирми одамна поделиле К 15 и тоа во висина до 24.000 денари, а сега остануваат помалите, од кои поголемиот дел сакаат да преговараат за намалување на минимумот што имаат обврска да го исплатат, под изговор дека немаат пари

Работодавците од проватните фирми имаат уште два ипол месеца на вработнеите да им исплатат по најмалку 9.000 денари, за да избегнат строги казни. Регресот за годишен одмор, популарниот К 15 и годинава е задолжителен, а неговата исплата треба да заврши до Нова година.

Според компаниите и синдикатите, исплатата е во тек уште од јуни, а поголемите и финансиски добростоечките фирми веќе го исплатиле и тоа во значително повисоки суми од минималните одредени со закон, односно 40 проценти од трите последни просечни нето-плати на ниво на држава или околу 9.000 денари.

- Некои фирми уште пред неколку месеци ги исплатија раобтниците. Се подели К 15 и во висина од 18 до 24.000 денари. Тоа се компаниите кои се во добра финансиска состојба, кои впрочем секоја година први во државата делат регрес за годишен одмор во значително повисоки суми од минимално определената. За исплата сега останаа главно помалите компании, од кои дел најавија дека сакаат да преговараат со синдикатите за да исплатат помалку од минимално предвидената сума. Некои од нив реално имаат финансиски тешкотии, некои пак само сакаат да ја искористат можноста што им се дава да исплатат помалку од 9.000 денари по работник, вели Пеце Ристевски, претседател на синдикатот на металците, енергетичарите и рударите, СИЕР.

Инаку, Колективниот договор за стопанството со кој е предвидена задолжителна исплата на К 15 е истечен, но како што појаснуваат експертите, регресот и понатаму мора да се исплатува затоа што одредбите на договорот автоматски продолжуваат да важат се додека не се донесе нов. Организицијата на работодавци на Македонија најави дека кога ќе се носи новиот Колективен договор за вработените во приватниот сектор, ќе предложи измени во одредбите за К 15, но нема да бара укинување на ова право што работниците го добија пред неколку години.

Инаку, според сегашнтие решенија, регрес за годишен одмор им следува на работниците кои во една иста фирма работеле непрекинато шест месеци во календарската година. Токму затоа и почнува да се дели од јули, а последната исплата треба да биде на 31 декември. За испуштање на тој рок, односно за неисплата на К 15 на работниците законодавецот предвидел строги казни, односно глоба од вкупно 4.000 евра за правното и одговорното лице во компанијата, која може да се намали во зависност од нејзината големина, како и едногодишна затворска казна за работодавецот. Исти санкции се предвидени и за газдите кои ќе исплатат К 15, а потоа од работниците ќе побараат целосно или делумно да им го вратат.

(С.Ву.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари