Богданци со апел до Заев да не дозволи изградба на рудникот Казандол

Жителите на Богданци преку собирање потписи и отворено писмо до премиерот Зоран Заев повторно го кренаа гласот против изградбата на рудникот Казандол.

Целата иницијатива била покрената од активистот Илија Тумбов кој успеал да собере 1.301 потписи од жителите на општина Богданци, по што преку писмо му се обраќа на премиерот Зоран Заев, да го потсети на неговите предизборни ветувања дека нема да дозволи отворање на рудник во селото Казандол.

„Вие, господине Заев, во својството лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, истовремено и премиер на Владата на Република Македонија во кампањата за последниве локални избори на митингот во Богданци изјавивте дека Вашата партија, заедно со коалицијата, е ориентирана кон создавање услови за здрава животна средина за граѓаните наспроти загадувањето што на животната средина ѝ го нанесуваат рудниците и уште додадовте дека ако треба да бирате меѓу здравјето на луѓето и добивката од рудниците. Вие ќе се одлучите за здравјето на луѓето. На предизборните митинзи во Пирава и Јосифово, општина Валандово, бевте уште поконкретен во изјавата и рековте дека рудник во Казандол нема да има“ – пишува во писмото упатено до премиерот Заев.

Во општина Богданци во јуни годинава се одржа референдум на кој речиси 100 отсто од излезените гласачи се спротиставија на изградбата на рудници во регионот. Во јули против отворањето рудници на референдум се изјаснија и жителите на општина Дојран.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари