Очекувања за банкарскиот сектор

Бишев: Финансиските технологии ќе доминираат во наредната декада во преструктуирањето на банките

Глигор Бишев, Претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија.

Дали очекувате позначајни промени на кредитата политика на Банките, од аспект на движењето на каматните стапки во банкарскиот сектор и како сето тоа ќе влијае на побарувачката на кредити во Македонија?

Глигор Бишев: Во 2018 година, акцентот ќе биде поставен на квалитетот на финансирањето, а не на квантитетот. За растот на компаниите нема да бидат потребни само кредити, туку и капитал – вложувања од страна на сопствениците што претставува основа за позајмување од Банките. Капиталот на компаниите како и кај банките е основа за преземање на ризици и експанзија. На тој план не постои разлика помеѓу компаниите и банките. Во 2018 година ќе дојде и до поголема сегментација на клиентите на банките. Нискоризичните клиенти, со добра капитализираност и нискоризични проекти ќе можат да се задолжуваат по ниски каматни стапки. Компаниите со ниска капитална сила и повеќе ризични проекти ќе имаат потежок пристап до банкарски кредити и со повисоки каматни стапки. Од тој аспект, овие компании ќе бидат упатени на финансирање кај инвестициските фондови, "mezzannine" финансирање или привлекување на нови сопственици.

Во која насока ќе се движат каматните стапки кај депозитите за физичките лица во тековната година, дали очекувате зголемување на депозитното портфолио или можеби клиентите ќе се одлучат своите слободни средства да ги насочат кон една од алтернативите (животно осигурување, инвестирање во берза, итн.)?

Глигор Бишев: Обликот на штедење зависи од нивото на доход, приносот и склоноста кон ризик. Со растот на доходот и животниот стандард, покрај штедењето во форма на депозити се зголемува склоноста да се штеди и по пат на животно осигурување, удели во инвестициски фондови, приватно пензиско осигурување и купување на акции. Последните облици на штедење ќе имаат се поголемо значење кај сегментот на населението со висок доход. Банките треба да бидат подготвени да ги советуваат своите клиенти, кои се предностите и слабостите на секој облик на штедење. Населението зависно од приносите што ги очекува и склоностите на прифаќање на ризик ќе носи одлуки во кој облик ќе штеди, а банките ќе треба на ефикасен начин да ги реализираат желбите на клиентите.

Fin Tech иновациите се повеќе се застапени во банкарскиот сектор. Дали банките во Македонија ќе бидат во чекор со светските трендови и какви иновации можеме да очекуваме во банкарскиот сектор во 2018 година?

Глигор Бишев: Финансиските технологии се повеќе ќе доминираат во работењето на банките. Тоа е иреверзибилен процес. Меѓутоа, тој процес нема да се случи преку ноќ. За имплементирање на истото ќе бидат неопходни огромни вложувања кај банките и соодветно ниво на писменост кај економските субјекти. Може да кажеме дека тоа ќе биде процес кој ќе доминира во наредната декада во преструктуирањето на банките. Банкарството ќе стане анализа на податоци за клиентите која целосно ќе се одвива по електронски пат. Филијалите ќе бидат реткост, место за интеграција помеѓу банката и клиентот, советодавно место за контакт со клиентите. Меѓутоа, овој процес ќе бара и огромни вложувања од страна на банките и поседување на критична големина за ваквите вложувања да бидат исплатливи. Мал број на банки во Македонија ќе можат да го реализираат тоа. Големината на банката ќе биде битна. Тоа ќе детерминира банките да нудат голем број на други комплементарни услуги за клиентите: банките ќе станат финансиери и реализатори на желбите на компаниите и населението што можат да си го дозволат, согласно нивната кредитна способност.

Што да очекуваме од Шпаркасе Банка Македонија во 2018 година?

Глигор Бишев: Во 2018 година, Шпаркасе Банка Македонија ќе прослави 10 години во Македонија. Согласно гласовите на студентите, банката две години по ред (2016 и 2017) ја добива наградата STUBRAND, додека според репутацијата и препознатливоста во 2017 година го зазеде четвртото место. Во 2018 и годините што следат имаме намера овие остварувања да ги зајакнеме и да го продолжиме патот на стабилно и иновативно работење, да ги исполнуваме желбите на клиентите што тие можат да си ги дозволат согласно нивната кредитна способност. Општествената одговорност кон заедницата каде што работиме ќе ја продолжиме се со цел да придонесеме кон инклузивен и одржлив економски раст на Република Македонија.

 

Извор: Банкарство

Поврзани

Најнови вести

Коментари