БАЛКАНСКАТА ПОЛИТИЧКА И БИЗНИС ЕЛИТА ВО СКОПЈЕ

На Балканот му треба ремонт, инаку нема развој на економијата!

Главна ѕвезда на јубилејот беше поранешниот претседател и премиер на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, кој важи за еден од најбогатите луѓе во Црна Гора. Покрај Ѓукановиќ, големо внимание предизвика и присуството на поранешниот претседател на Хрватска, Стипе Месиќ, кој постарите го паметат и како последен претседател на поранешна Југославија

Скопје беше бизнис-центар на Балканот, бидејќи политичари и бизнисмени што вртат милијарди евра беа собрани во хотелот "Александар палас" по повод одбележувањето на 95 години од коморското организирање и работење на Стопанската комора на Македонија.

Главна ѕвезда на јубилејот беше поранешниот претседател и премиер на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, кој важи за еден од најбогатите луѓе во Црна Гора. Покрај Ѓукановиќ, големо внимание предизвика и присуството на поранешниот претседател на Хрватска, Стипе Месиќ, кој постарите го паметат и како последен претседател на поранешна Југославија

Дел од гостите беше и Бранко Роглиќ, хрватски милијардер, сопственик на најголемата хрватска дистрибутерска компанија "Орбико".

На свеченоста се појави и поранешниот премиер Владо Бучковски, а од македонските бизнисмени беа и Свето Јаневски, Минчо Јорданов, Живко Мукаетов, Глигор Бишев, Антони Пешев, Штерјо Наков, Кочо Анѓушев...

Единствени од македонските политичари што се појавија на годишнината на Стопанската комора беа лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и градоначалниците Маријан Ристески и Стевчо Јакимовски.

Големите глобализираат, малите соработуваат

Во рамките на прославата се одржа и тркалезна маса насловена "Позицијата на малите земји во меѓународната економија-предности и недостатоци" на која учествуваа домашни и странски реномирани претставници од бизнис, научната, и стручната јавност. Меѓу панелистите беа и претседателот на Конфедерацијата на азиско-пацифичките трговски-индустриски комори Џемаил Иниашвили, Сандо Чешко од "Студио Модерна", професорот на Машинскиот факултет и познат бизнисмен Кочо Анѓушев, Саво Далбоковски - претседател на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија, како и претедателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж и на Стопанската комора на Косово, Сафет Ѓерѓалиу. Доктор Владимир Глигоров, економски експерт од Виенскиот институт, и поранешниот премиер на Република Српска, Драган Микеревиќ исто така беа дел од оваа економска дискусија наменета за регионот, а модератор беше Глигор Бишев, главен извршен директор и претседател на УО на Шпаркасе Банка Македонија.

На прославата, претседателот на Стопанската комора на Македонија (СКМ) Бранко Азески укажа дека треба да се воспостави јавно-приватниот дијалог со коморите и здруженијата, за да се надмине проблемот при имплементацијата на законите.

-Вклучување на бизнис заедницата во концептирањето на законите се проблемите кои треба да ги реши новата влада на Мекедонија - порача Азески и дополни дека токму конференција е "големите глобализираат малите соработуваат# со цел да се интевизира соработката на малите земји.
Оваа конференција е во функција на припрема на голема конференција која ќе се одржи во септември на која ќе бидат сите компании кои имаат обрт над 100 милиони, од земјите кои имаат до десет милиони жители на која ќе бидат истакнати целите и задачите на сите мали земји во светот за да ја подобрат соработката и како можат да се справат со глобализацијата - дополни Азески.

 ЕУ е локомотива на Балканот

За Ѓукановиќ, наследството од минатото е основната причина што земјите од регионот се се уште недоволно развиени и не се на ниво на оние земји од ЕУ.

-За десет години Црна Гора стана најразвиена земја на Западен Балкан, бидејќи секоја година стопанството регистрираше раст од 3,2%, а растеше и бројот на инвестициите - објасни Ѓукановиќ и дополни дека компаниите од Црна Гора добро се справиле со конкуренцијата и се посветиле на иноватиноста.

За него ЕУ е локомотива на Европа и смета дека таа локомотива може да го повлече и Балканот.

-На Балканот му треба европска иднина- дополни Ѓукановиќ.

За Микеревиќ за да напредуваат земјите од регионот потребно е да има повеќе јавна одговорност и се повеќе да се форсираат домашните инвеститори. Чадеш пак укажа дека за да се реализираат реформите во стопанството неопходно е политичарите да помогнат, особено околу тоа што подобро да се искористат европските фондови.

Месиќ децидно кажа дека минатото треба да се остави зад нас, особено поради тоа што во овој регион имаше и војна.

-Сега треба да се направи еден детален ремонт, односно да се отвори нова страница во нашата соработка и да се оди само напред, оти тоа е единственото нешто што ќе го раздвижи регионот и ќе ја зајакне меѓусебната соработка - укажа Месиќ на тркалезната маса.

Според Александар Влаховиќ, претседател на сојузот на економисти на Србија, недовршената транзиција е најголем регионален проблем и кочница за економскиот просперитет на земјите.

Експертот на Виенскиот институт, Глигоров, смета дека за целиот Западен Балкан главен проблем е големата невработеност, а стапката се движи од 10 до 30%. Тоа според него се должи на неспособноста на стопанството да го реши овој проблем и да го вработи населението.

-Но последиве години нешто се менува. Така е и во Македонија каде се намали невработеноста - појасни Глигоров.


Минатото и војните пречки за развојот на Балканот

За хрватскиот милијардер Роглиќ ако и понатаму се навраќаме кон минатото и не почнеме соработка ќе бидеме гладни.

-За жал во главите уште ни е социјализмот, а за опстанок неопходна е соработка. Треба да се забрза и меѓуграничната соработка, да нема застој на границите - потенцира Роглиќ и дополни доколку ЕУ се распадне тоа е лошо и за земјите од Балканот.

И бизнисменот Анѓушев нагласи дека за просперитет треба да се има сон, но и желба тој да се реализира. Според него, за да бидеме конкурентни треба да градиме регионални брендови. Со него се сложи и Златко Симоновски генерален менаџер од Факом кој посочи дека за врвната индустрија потребен е и врвен кадар, затоа треба да се соработува со образовните институции и да се поседува сертификати.

Далбоков смета дека инвеститорите не го сакаат веќе толку Балканот.

-За нив не сме веќе толку секси, колку што бевме - вели Далбоков од Шпаркасе Банка Македонија и дополнува дека со една реченица тоа е дека пари има премногу, а немаме доволно капитал.
Европеизацијата на банкарскиот сектор на Балканот е веќе завршена. 


Алкалоид со специјално признание од СКМ

Стопанската комора традиционално додели награди и специјални признанија од Комората. Меѓу наградените беа повеќе македонски компании, но и познати македонски бизнисмени кои придонесоа за коморското работење во земјава изминативе години.

На листата доделени призанија се најдоа и фармацевтската компанија Алкалоид, Мали хидроцентрали-Скопје, Европа 92, Макстил, Николајчо Николов од Бучим кој доби специјална награда за коморско работење. Но Комората оддаде признаие и на партнерското работење со Регулаторната комисија за енергетика и Агенцијата за супервизија на осигурување.

Рафајловски: Тактизирањето на ДУИ прави огромна штета на стопанството на Македонија

Горан Рафајловски од Стопанската комора во однос на светската глобализација порача, малите земји да ги следат светските трендови.

- Економијата не познава мали земји, туку таа познава успешни економии, а Македонија има потенцијал да има успешна економија - смета Рафајловски.

Според него, бизнисот во време додека се чека нова влада не функционира, бидејќи техничката влада не ги исполнува ниту задачите, нуту обврските што една нормална влада би ги исполнувала.

- Нема стопанственик кој не очекува нова влада. Ова тактизирање и директно влечење на ДУИ прави огромна штета на стопанството на Македонија. Штитејќи ги сопствените инереси го доведуваат стопанството во прашање. Цената што ќе ја плати стопанството поради тактизирањето на една политичка партија е очигледна и страшна - потенцираше Рафајловски.

Тој од новата влада очекува сериозно да се потруди и сите долгови што ги има таа, јавните претпријатија и институции да ги расчисти, со една позајмица од преку една милијарда, која ќе овозможи, како што рече, профункционирање на стопанството. Стопанството, додаде тој, ќе ги врати тие пари со вработувања, даноци и др.

На новинарско прашање за последиците кои ги трпи стопанството со блокадата на граничниот премин Евзони од грчка страна, Азески рече дека штетите ќе бидат големи, но ќе се дознаат откако ќе се сумираат сметките од трите сектори, односно со стоката на солунското пристаниште, со увозот на нафтените деривати и со стоката која поминува преку помалите премини која е од расиплива категорија.

 (В.Ма.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари