УЈП ја објави осмата по ред листа на должници на државата

Активни и стечајни фирми, загубари, ЈП, граѓани... "заборавиле" да платат милиони евра даноци

Хедис маркетите на бизнисменот Велија Рамковски, за кои стечајната постапка заврши во мај, должат околу 2,2 милиони евра за неплатен ДДВ, данок на добивка, персонален данок, придонеси за вработените, како и персонален данок по други основи

Милиони евра е долгот кон државата што го направиле македонските компании и граѓани, кои до крајот на минатиот месец не ги платиле доспеаните обврски за ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, покажува најновата, осма по ред оваа година листа на должници што ја објави Ууправата за јавни приходи (УЈП).

Голем број "повторувачи#, од кои некои се веќе "инвентар# на ваквите листи на УЈП, фирми кои одамна или неодамна отишле во стечај и се уште не ги намириле обврските, загубари, државни претпријатија, локални комунални фирми, но и мали дуќанчиња, како фризерници, колонијали, познати скопски кафеани, сендвичарници..., и обични граѓани, или вкупно 4.539 физички и правни лица се на новиот список.

Во очи паѓаат Хедис маркетите на бизнисменот Велија Рамковски кој повеќе години е во затвор. Долгот им е околу 2,2 милиони евра за неплатен ДДВ, данок на добивка, персонален данок, придонеси за вработените, како и персонален данок по други основи. Стечајната постапка за Хедис маркетите заврши во мај годинава.

И на оваа, како и на претходните листи како еден од најголемите должници фигурираат и трите поранешни фирми за производство на автобуси на Мексиканецот со македонско потекло Ангел Кастиљо - "Ел Дон Кастило#, "Индустрија Ел Азтека# и "Мотор Коач индустрија интернационал#.
Од компаниите најголем неплаќач на даноци според листата на УЈП е "Отекс# од Охрид со долг од близу 1,2 милиони евра, а поголем долг има и државниот загубар "Еурокомпозит#, чии вработени често штрајкуваат барајќи решение за нив и за фирмата.

Меѓу редовните на списокот и овој пат е Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија, кое на државата според најновите податоци и должи 1,7 милиони евра. Неговиот директор деновиве испрати посма до премиерот Зоран Заев и до американскиот амбасадор Џес Бејли во кои ги извести за лошата финансиска состојба во која се наоѓа јавниот сервис и побара помош. Според него, повиците за неплаќање на радиодифузната такса довеле до тоа за таа давачка МРТ сега да има кусок од 160 милиони денари.

Меѓу постојаните на листата на УЈП е и Јавното претпријатие за заштита и одржување на регионалните и магистралните патишта. Македонија пат на државата и должи околу 7,5 милиони евра за данок на додадена вредност и данок на добивка. На последната седница Владата донесе одлука на сметката на ова јавно претпријатие да се уплатат 2,5 милиони евра, па конечно ќе може да се очекува по низа години овој должник да ја напушти листата на УЈП. Голем должник на државата, како што може да се види од списокот, е и Јавното претпријатие МЖ Инфраструктура, кое не платило 756 илјади евра за данок на додадена вредност, а борчлии останале и повеќе општински комунални претпријатија, задолжени за водоснабдување, чистење на градовите и одржување на зеленилото.

Инаку, на најновата листа на должници на УЈП има вкупно 4.539 имиња на фирми со долгови повисоки од 300.000 денари кои доспеале до 31 април годинава, а останале неплатени до 31 минатиот месец, како и на граѓани со долгови за истиот период, но во висина од над 120.000 денари.

(С.Ву.)

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари