Фанта

Приказната за Фанта - од наци до бамбуча

Кога некој ќе каже Фанта, секој на ум ја има и Кока кола. И тоа со право. Но без нацистите Фанта, таа лимoнада, не би ни постоела. И не би била култ, каков што е денес.
Вредностите кои се поставени, особено оние во субкултурата, според кои треба да прифатиме мерка за оценување што е добро, а што не, многу пати се сосема поинакви од она што ни се прикажува. Ако едни луѓе се презирани, судени и отфрлани поради соработката со нацистите, некои други од таа соработка живеат ем со профитот стекнат со нив, ем така збогатени и славни, со моќ да влијаат врз другите.

Познати се нацистичките врски на аристократските европски семејства кои профитирале од соработката со Хитлер, сопствениците на големите компании Круп, Дипон, Порше, БМВ, ИБМ, Тисен... кои без последици се извлекле од пост воената осуда за соработка со нацистите, за разлика од обичниот свет кој страдал и бил осудуван за истите нешта вршени во многу помал обем.
Толку рекламираната и обожувана лимонада Фанта, сопственост на компанијата Кока кола, која се труди да асоцира на живост, слобода и наднационалност која се крие зад спотовите со лица од целиот свет, е производ на фашистичка Германија. Уште полошо, идеолошки продукт по задача на нацистите!

Во летото 1940, кога Втората светска војна е веќе распалена, кога Полска е веќе прегазена и Франција поразена, британската војска протерана од европскиот континент... нацистичка Германија е во еуфорија. Германците го обожуваат фирерот и бараат освојување на светот. Во сопствената надмоќ, бараат отфрлање на се што не е производ на германската култура, идеологија на германските фабрики...

Макс Кајт, директор на фабриката и на дистрибуцијата на Кока кола во германскиот град Есен не бил во таа еуфорија. Не знаел дали САД ќе се вклучат во војната против Германија, но стравувал од тоа. Пред се бил исплашен за иднината на својот бизнис и своето место - шеф на американската канцеларија на Кока кола за Германија.

Кока кола имала своја фабрика во Германија уште од 1929 година, со слаб успех на почетокот, но веќе во 1931 тие продавале 60.000 сандаци низ Германија. Три години подоцна, во 1939, кога во Берлин се одржувала Олимпијадата, биле продадени над еден милион сандаци Кока кола.

Ако САД влезат во војна со Германија, што му изгледало сосема извесно, фирерот ќе бара запирање на соработката со централата на Кока кола во Атланта, како што се случило претходно со други негермански производи. Без испораката на концентрат за Кока кола од Атланта, којшто уште во 1886 година го измислил аптекарот др. Џон Пембертон, нема ни производство на Кока кола во Германија. Оттаму, нема ни бизнис за Макс Кајт во Есен.

Затоа откако менаџерот Макс Кајт дознава дека сепак ќе има војна помеѓу САД и Германија, се подготвува за алтернатива. Во соработка со централата во Атланта има намера да подготви пијалак за кој, формално, не би се знаело дека е американски, и кој би се темелел на производи кои во воени услови можат долгорочно да се најдат на пазарот, на германскиот пазар се разбира.

Се барал начин како профитот, кој е заеднички, да се одржи во воено време и услови кога интересите и идеологијата се различни.
Менаџерот Макс Кајт му дава задача на др. Шетлиг, неговиот главен хемичар од Кока кола во Есен, да ја измисли бараната формула. По многу експерименти, доктор Шетлиг доаѓа до производ кој се темели на сурутка, остаток од ферментацијата на млекото со благо кисел вкус, измешан со сахарин и преработен сируп од јаболко и портокали. Тоа бил пијалак произведен од остатоци на остатоците, е описот Макс Кајт пред шефовите во Атланта, САД.

Потоа, требало да се измисли и име.

Кајт ги свикал вработените во фабриката во Есен и барал предлози. Се јавиле дваесетина можни имиња, меѓу кои и називот "фантастично". Тогашниот графички директор на фабриката Валтер Цимерман, заедно со еден трговски претставник, го моделирале називот во крајно решение - Фанта!

Директивата на нацистите, да се запре производството на негерманската Кока кола и да се измисли свој, германски пијалак, е извршена. Есента 1940 година Фанта се појавува на пазарот како безалкохолен напиток, производ на идеолошките нацистички потреби за сопствени производи. Но, во исто време, и за потребите на профит кон Кока кола од Атланта, која на својот менаџер во Германија Макс Кајт му дала дозвола за тоа. Било битно да опстане во функција американската фабрика во германски Есен, и да создава профит. Се друго било во втор план. Разликите во идологијата и воениот судир немале влијание врз интересите за нова заработка на пари, ниту во Атланта, ниту пак во Есен или Берлин.
На почеток Фанта немала пазарен успех. Германците биле повеќе склони кон пиво, а Кока кола се уште се полнела, и ја чекала официјалната нацистичка забрана за производство и продажба во Германија.

Менаџерот на Кока кола во Германија, Макс Кајт, бил член на нацистичката партија НСДАП и успеал со помош на своето влијание во партијата дури две години да ги одржи фабриката и производството на Кока кола, иако веќе од 1939/40 се спроведувал закон со кој, заради развој на сопствената идеологија и економија, во Германија треба да се продаваат само германски производи, пакувани во германски шишиња. Исклучок биле само производите на германските воени сојузници.

Не успеала ни забелешката на конкурентската Африкола дека Кока кола е еврејски производ, и дека фабриката треба да се затвори.

Своето влијание како богат член на владејачката, нацистичка партија, Кајт го користел и при набавките на дефицитарниот производ, шеќерот кој се распределувал мошне рестриктивно во тие воени години.
На 11 декември 1941 САД и Германија влегле во војна. Германија го забранува увозот на екстракт за Кока кола и веќе во март 1942 се потрошени сите стари залихи, а Кока кола запира со производството.
Фанта станува пазарно интересна. Кајт, преку членството во нацистичката НСДАП, и блискоста со фашистичката влада, има редовни испораки на шеќер и Фанта се продава се повеќе. Во Германија Фанта, за време на војната, се полнела во 49 полнилници, а се продавала, освен во Германија, и во другите држави кои биле германски воени сојузници. Во периодот од 1943/44 американската централа на Кока кола во Германија, преку пласманот на Фанта, покажала најголем профит откако е отворена во далечната 1929 година! Профитот, се подразбира, и сред војна се делел помеѓу германската и американската компанија на Кока кола.

Единаесет дена по капитулацијата на Германија, на 18 мај 1945 година, во фабриката на Кока кола во Есен, влегува повереникот на централата во Атланта Пол Бејкон. По бомбардирањето фабриката била наполно разурната, но голем дел од машините за полнење Макс Кајт претходно ги изместил надвор од градот, на сигурно.

Полковникот на американската армија Роберт Машберн, му помогнал на повереникот од САД да го пронајде Кајт и машините во околните села. Кога двајцата колеги, менаџери во Кока кола се сретнале Американецот Пол Бејкон му соопштил на Макс Кајт дека не може понатаму да биде менаџер на Кока кола, затоа што е Германец кој е дел од нацистичката идеологија, и дека управувањето ќе го превземат менаџери на Кока кола од САД. Во 1949 година, Кока кола се враќа меѓу Германците.

Веста за смена била поразителна и понижувачка за Макс Кајт, кој како богат член на нацистичката НСДАП, освен со отказ се соочувал и со опасност од судски прогон за соработка со нацистичките власти за време на војната.
Наскоро, според публицистот Гвидо Кноп, се потврдила тезата дека парите се посилен мотив од останатите причини. Од САД доаѓа специјална истрага, испратена и платена од централата на Кока кола, која утврдила дека нивниот менаџер, најуспешен во компанијата за време на војната, нема никаква вина и одговорност за настаните поврзани со војната, и дека е слободен за понатамошна соработка.

Истрагата утврдила дека Макс Кајт покажал исклучителна лојалност кон компанијата. Иако токму тој ја измислил Фанта, составот и називот, и благодарение на своите врски со нацистичката влада можел целиот профит да го задржи за себе, Германецот сите воени години, дисциплинирано и одговорно кон својата централа во Америка, профитот го инвестирал за сметка на централата на Кока кола во Атланта!

По ова, Макс Кајт е вратен за менаџер на Кока кола во Германија, а во педесеттите години е поставен за регионален менаџер на Кока кола за Европа и Блискиот исток. Пензиониран е во 1968 година на таа функција. По иницијатива на централата од САД една улица во Есен го добила името на Макс Кајт. Централата на Кока кола во Германија и денес ја има истата адреса.

Ако шишето со Кока Кола се рекламирало за време на Втората светска војна во рацете на американските војници под американско знаме, Фанта се рекламирала на истиот начин, но во рацете на нацистичките германски војници, под нивните наци знамиња.
Профитот, потоа, ги надминал разликите.

(Д.П. Латас)

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари