Инвазија врз Ирак

Дали шпионите ги излажаа Буш и Блер, а потоа бевме прелажани сите

Нападот врз Ирак во март 2003 година го изведоа САД, помогнати од воените сили на Велика Британија. Тој, формално е извршен за да се спречи развој и употреба на хемиско и биолошко оружје со кое, наводно, располагал Ирак и неговиот лидер Садам Хусеин што било закана за светскиот мир.

За овој напад САД немаа меѓународна подршка. На 18 ноември 2002 година Обединетите нации испратија експертски тим за утврдување на реалната состојба, и тимот утврди дека Ирак - нема опасно биолошко и хемиско оружје. Оваа инспекција на ООН се покажала како небитна, бидејќи американски и британски авиони непречено веќе го бомбардираа јужен Ирак, под форма - заштита на небото од забранети летови, а конгерсот на САД претходно имашл донесено одобрение за напад врз Ирак на 16 октомври 2002.

Три години по нападот, во јавноста на САД и во Британија се отвори истрага за вистинските мотиви кои доведоа до оваа инвазија, завршена со над 5.000 загубени животи на американските војници, и огромни трошоци на државата како за инвазијата, така и за одржување на повеќе од 250.000 припадници на американската војска во Ирак кои се стационирани таму подолго од десет години.

Истрагата покажа дека Садам Хусеин ниту имал такво опасно хемиско оружје, ниту истото го развивал, а дека е тоа така знаеле и американскиот претседател Џорџ Буш, и британскиот премиер Тони Блер кои, сепак, акцијата ја наредиле. Дали бизнис интересите на елитите во Лондон и Вашингтон создале лажни мотиви за таа скапа воена акција во Ирак. Тврдењата на САД и Лондон беа дека веројатно имало грешка во разузнавачките податоци. Да видиме што правело разузнавањето и шпионите пред нападот на Ирак.

Според британскиот генерал Мајкл Џексон имало претходни сомневање дека Садам Хусеин располага со хемсико и биолошко оружје кое можеби било употребувано претходно против курдските бунтовници, во северните делови на Ирак. Оваа претпоставка, освен на информации добиени од курдските средини, се темелела и врз основа на истрага која американскиот сенат ја спровел во 1994 година, и која докажала деке повеќе држави, меѓу кои и САД, до крајот на осумдесеттите години испорачувале хемиски агенси, отрови за Ирак во време и по војната која Ирак како американски сојузник ја водел против Иран. Разузнавачите работеле на таа тема, и требало да дадат на располагање цврсти и детални докази за состојбата - има, или нема Ирак на распогање хемиско и биолошко оружје за масовно уништување.

Разузнавачите своите сознанија ги темелеле, пред се, врз информации на двајца блиски соработници на Садам Хусеин, но и на други две помалку упатени соработнички имиња кои биле користени од британските и американски разузнавачки служби.

Во 2002 година, шест месеци пред инвазијата која ќе уследи во март 2003, тогашниот британски премиер Тони Блер изнел предупредување дека постојат докази дека Ирак го има хемиското оружје кое е закана од масовни размери. Истиот ден, на 24 септември 2002 година, британската влада го објавила и досието од истрагата.

Иако во досието кое е сумиран извештај на разузнавачите од МИ6 и другите партнерски агенции, никаде безусловно не се тврди дека Садам Хусеин располага со такво хемиско оружје, туку дека постојат само индиции и сомневања, Блер и владата соопштиле дека постоењето е несомнено, и претставува опасност од широки размери.

Инаку, ова досие потоа е анализирано со истрага во британската влада, и проценето е дека тогаш објавеното досие е парцијално, и ограничено во сознанијата, па затоа треба на него да се гледа со задршка, условно и со дополнителна проверка.

Условно, или не, тоа досие било еден од важните основи кои на јавноста и биле презентирани како непосредна причина за инвазијата врз Ирак.
Дали имало грешки во разузнавањето и подготовката на информации од теренот за потреби на владите во Британија и САД, пред инвазијата на Ирак. По освојувањето на Ирак, експерти од армиите на САД и Британија не најдоа, и не дадоа докази дека ирачаните имале хемиско оружје за масовно уништување. Со ова падна во вода главната теза и мотив за инвазијата. Дали јавноста била лажена свесно, или случајно.

Лордот Батер, кој по војната ја предводел првата владина истрага за разузнавањето околу хемиското оружје во Ирак, изјавил дека премиерот Блер и британското разузнавање биле погрешно известувани од соработниците, и наведувани на таков заклучок.

Лордот Батер и сер Мајкл Роуз се согласиле дека Блер немал намера да ја лаже јавноста, бидејќи навистина верувал дека Садам Хусеин има хемиско оружје за масовно уништување врз основа на разузнавачките информации.

Британскиот шпион кој со погрешни информации, контакти и податоци, наводно го излажал британското разузнавање е пребегнатиот Ирачанец Рафид Ахмед Алван ал Џанаби. Неговото кодно име кај британските служби било - Вртена топка.
Џанаби пристигнал како Ирачанец, барател на азил, во германскиот центар за бегалци во 1999 им рекол дека е хемиски инженер, со што го привлекол вниманието на германската разузнавачка служба БНД. Отпрвин им им рекол дека во Ирак постојат мобилни биолошки лаборатории поставени на камиони, за да се избегне нивното откривање.

Германците се посомневале во Џанаби, и таа информација ја споделиле со Американците и Британците. Кај британските разузнавачи од почеток имало сомневање во вистинитоста на изјавите од Џанаби, и биле прифатени со резерва како изјави од фабрикатор кој преку тоа сака за себе да обезбеди подобра положба и интерес. Но, американските служби имале поинакво гледање, и решиле да му се посветат на Џанаби подетално, и да соработуваат во докажување на неговите изјави и сознанија.

Истрагата потоа покажала дека, освен Џанаби, постоел и друг извор за оваа тема. Се работи за поранешен ирачки разузнавачки службеник со име Маџ Мухамед Харит, кој рекол дека идејата да се направат мобилни биолошки лаборатории е негова, и тврдел дека тој лично нарачал неколку камиони Рено, за да ги опремат. Потоа, заминал за Јордан и зборувал со Американците.
Мухамед Харит, наводно, ја измислил приказната затоа што сакал за возврат од САД да добие прифаќање, азил и ново место за живеење. Но, истрагата покажала дека неговите разузнавачки информации биле отфрлени како измислени, и тоа 10 месеци пред почетокот на војната во Ирак. Зошто тогаш некој ги употребил како релевантни за да се докаже основаноста на инвазијата врз Ирак, а тоа е постоење хемиско оружје.

Но, не се само овие два извори употребувани од разузнавачите.
Информациите од други два извори, луѓе на високи позиции блиски до Садам Хусеин, тврделе дека такво оружје нема на располагање во Ирак, и токму тие се покажале како точни, за разлика од претходните. Изворот на ЦИА бил поранешниот ирачки министер за надворешни работи, Наџи Сабри.
Поранешниот човек на ЦИА, Бил Мареј - шеф на агенцискиот огранок во Париз - средил контакт со Сабри преку посредник, еден арапски новинар, кому му дал 200.000 долари во кеш, аванс за услугата. Тој им рекол на шефовите во ЦИА дека Наџи Сабри му изгледа како лице од вистински интерес - некој со кого навистина треба да се разговара. Мареј составил листа од прашања за министерот Наџи Сабри, а хемиското оружје за масовно уништување било на врвот на таа листа.

Посредникот се сретнал со Наџи Сабри во Њујорк, во септември 2002, кога тој требало да се обрати во ООН - шест месеци пред почетокот на војната, и само неколку недели пред да биде објавено британското досие кое тврди дека во Ирак постои хемиското оружје за масовно уништување.

По предлог и барање на ЦИА, посредникот му дал на министерот Сабри рачно сошиено одело, кое тој го носел во ООН - сигнал до ЦИА кој на Мареј му дал знак, потврда дека Наџи Сабри ќе соработува.

Мареј добил информации и уверувања дека Садам Хусеин некогаш имал помали количества хемиско оружје, кое останало од осумдесеттите и почетокот на 90-тите години, но залихите им ги поделил на различни племиња кои нему му биле лојални. Тој, навистина, имал желба и намера да развие хемиско оружје за масовно уништување - но услови за тоа немало. Заклучокот бил - Ирак нема опасно хемиско оружје.

Откако се покажало дека во Ирак немало хемиско оружје за масовно уништување, и дека ЦИА дала лажни податоци, се отворила истрага. Во самата истрага за разузнавањето од ЦИА официјално тврделе дека министерот Сабри, при наведените контакти, дал информација дека во Ирак се произведува хемиско оружје и дека истото е на распогање за воени потреби. Човекот кој го имал контактот со министерот Сабри, агентот на ЦИА Мареј, го тврди спротивното. Дека таква изјава на неговиот извор не постои.

Вториот висок разузнавачки извор бил шефот на ирачкото разузнавање, Тахир Џалил Хабуш ал Тикрити - познат како Ас од шпилот карти со кои, по влезот во Ирак, Американците симболично ги обележуваа соработниците на Садам Хусеин. Според американското рангирање Тахир Ал Тикрити е еден од трите најважни соработници на Садам.

Висок службеник на ЦИА се сретнал со Тахир Ал Тикрити во Јордан, во јануари 2003 - два месеци пред инвазијата врз Ирак.

Се сметало дека Тахир Ал Тикрити сака да преговара за да се спречи американско-британската инвазија. И тој на ЦИА и рекол дека Садам Хусеин нема хемиско оружје за масовно уништување.

Битно е да се знае дека во истрагта која ја водел лордот Батер за разузнвачките активности пред инвазијата во Ирак, кои ја довеле во заблуда јавноста и парламентот, го нема сведочењето на соработникот на ЦИА, министерот за надворешни работи Наџи Сабри. Податоците за тоа му се дадени откако истрагата била веќе заклучена. Изјавата дека нема хемиско оружје, која функционер на ЦИА ја добил од третиот човек во Ирак Тахир Ал Тикрити, била куса и нецелосна, со оценка дека е нерелевантна затоа што доаѓа од близок соработник на Садам Хусеин.
Тао е приказната за шпионите кои, наводно, беа решавачки да се комплетира одлуката за инвазија врз Ирак.

За разлика од првиот напад врз Ирак, во јануари 1991 година, овојпат немало јасни политички и безбедносни мотиви, па затоа немало ни меѓународна поддршка, по што САД делуваа речиси сами, со мала помош на Британија.

Инвазијата почна на 20 март, а заврши на 1 мај 2003 година. САД ја именуваа како акција Ирачка слобода.

Ирачко хемиско оружје не беше најдено, по што во САД изби скандал дека претседателот Џорџ Буш и британскиот премиер Тони Блер свесно ја лажеле јавноста со приказната за хемиско оружје на Садам Хусеин како повод за акцијата, а дека вистинските мотиви биле интересите на големите нафтни компании од САД и Британија.

Во акцијата беше убиена и елиминарана комплетната воена и политичка гарнитура на Ирак, а Садам Хуесин заробен, осуден во 2006 година и обесен. По бунтот на сунитските исламистите од ИСИЛ предводени од Абу Бакр ал Багдади, кои во април таа година почнале уништувања на Курдите и Шиитите во Ирак, во август 2014 година приврзаниците на Садам Хусеин го откопале неговото телото, и го сокриле на тајна локација во северен Ирак. Соработникот на ЦИА, Тахир Џалил Хабуш Ал Тикрити, шефот на ирачкото разузнавање, не е пронајден, и до денес не е познато што е со него за време и по инвазијата, и каде потоа живее.

Иако беше најавено дека армијата на САД ќе го напушти Ирак за најмногу пет години по инвазијата, американската армија во Ирак е присутна многу повеќе од тоа, и ја контролира државата и во 2014 година иако официјално Вашингтон ја повлече својата војска од Ирак на 15.12.2011 година со свечено симнување на американското знаме на кој чин присуствуваше и секретарот за одбрана Леон Панета, што е речиси девет година по инвазијата. Евиденција за жртвите меѓу војниците се јавно се објавуваше само до 2008 година, а според неа во борбите во Ирак непосредно загинале најмалку 17.000 Ирачки војници, околу 5.200 американски, и околу 270 британски војници, жртви на воените судири при инвазијата и непосредно потоа.

Бројот на цивилни жртви, само во тој период - до крајот на 2008 година е поголем од 150.000, а потоа не се бројат иако ги има секојдневно, се до денес.

(Д.П. Латас)

Поврзани

Најнови вести

Коментари