Никола Тесла

Допир со божествената моќ. Толку далеку од сите, а толку блиску до небото

Тесла е тајна. Ретко видена големина, со скриена биографија, и нераскажана приказна за еден од најголемите умови на денешниот свет, онаков каков што сега го знаеме. Владимир Пиштало, авторот на неговата најдеталната и најубава биографија – Тесла, портрет меѓу маските... пишува дека светот помалку се променил од појавата на Платон до Никола Тесла... отколку што се големи промените по Тесла, па се до денес. Речиси се што гледаме наоколу, од неонските светилки, до метроата под земја, од телевизорите до компјутерите, радио апаратите и борбата да се прилагоди времето на човековите потреби... е поврзано со Никола Тесла.

Но, да почнеме со ред. Од податоците, па потоа приказната и тајната.

Америка е најпосакувана земја на научниците. И ден денес е така. Средена држава, богата и моќна индустрија, демократски и правен амбиент... неоптоварен со етничка и класна исклучивост, што е вековна слабост на европските нации и држави... таа Америка е втората татковина на Никола Тесла. Роден на 10 јули 1856 година како Србин, од татко Милутин, српски поп во селото Смиљан во Лика, во тогашна Австроунгарија.

Семејството на попот Милутин и неговата жена Георгина било големо. Освен Никола, го имале и неговиот брат Дане и сестрите Ангелина, Милка и Марица. Синот Дане им загинал по паѓање од коњ, кога Никола имал само пет години. Оваа семејна трагедија оставила длабоки траги врз сите, особено врз Никола кој станал, и останал, затворен и повлечен. Неговиот брат Дане во семејството и околината важел за необично надарен, умен и писмен за разлика од Никола кој, во тие детски години, бил виден како мирно, повелечено и затворено дете кое не ветува многу во иднината.

Но, не бил само неговиот брат Дане забележан по својот ум и начитаност. Неговиот татко, несекојдневно за свештените лица, особено во тоа време, имал голема библиотека и склоност кон читање и филозофија. За Никола библиотеката била место и навика која го освоила и неговиот ум, и неговата страст. Да се бараат суштината и функционирањето на светот околу себе. Своето место, и сопственото значење во тие процеси.

Школувањето го почнал во Смиљан, а потоа во Госпиќ кога неговиот татко во 1862 година е таму примен на свештеничка служба. Бил слабо и болешливо дете, единствен син во семејството, планиран да го наследи таткото во свештеничката работа.

Прв пат тешко се разболел кога заминал за Карловац во гимназија, а кога матурирал оболел од колера. Во деновите на борба за неговиот живот побарал од таткото ветување дека, ако оздрави, нема да мора да учи за свештеник, туку да му биде дозволено да студира технички науки. Барањето му е удоволено. Никола оздравел, и продолжил на студии на Политехничкиот институт во Грац, Австрија.

Студирал како стипендист на Царскиот двор од Виена, со стипендија наменета за талентирани сиромашни деца од Краина. Во Грац, неговата природа и посветеност стануваат опсесија. Освен што е успешен студент, Никола е опседнат и со филозофија. Постојано ги чита Волтер, Гете... Фауст го знаел напамет. По две завршени студиски години фондот на Царскиот двор ги укинува стипендиите, што за Никола е крај на студирањето во Австрија. Бара, но не добива стипендија од Матица Српска.

За него тоа бил тежок удар. Го напушта Грац тајно, во 1878 година, без да се јави на неговото семејство. Се сели во Марибор, вработувајќи се како испомош кај тамошен инженер. Живее сам, по кафеани и коцкајќи се. Неговиот татко го барал со месеци, плашејќи се дека во момент на разочарување заради прекинатите студии можеби се самоубил. По неколку месечна потера, го наоѓа и го враќа дома, во Госпиќ.

Работите понатаму течат вака: година дена по неговото враќање во Госпиќ каде работи во локалната гимназија неговиот татко Милутин починал. Никола решава да го напушти домот, што ќе се покаже како негова одлука - тоа да биде засекогаш.

Заминува за Прага во 1880 година, каде што се обидувал да ги доврши техничките студии, што било желба и на неговиот татко. Но, заради несоодветна гимназија, не е примен од формални причини, туку му е дозволено само следење на предавањата. Тоа било голем трошок за неговото семејство, а немал стипендија па по година дена ја напушта Прага и студирањето, се сели во Будимпешта и се вработува во телеграфска компанија. Оттука, натаму, целиот негов живот е посветен на истражувањата, експериментите и практичното осознавање на електротехниката и радио врските.

Токму во Будимпешта, на возраст од само 25 години, тој го става во употреба својот прв изум: уред кој има функции на телефонски засилувач, и на денешните звучници. Патот кон науката преведена во пракса, и ставена во функција... е почнат.

Тука е поставен и основот за моторот на наизменична струја, кој пет години подоцна ќе го патентира во САД. Но, двојаната природа на Никола Тесла е ниезбежна, и во Будимпешта, како и потоа. Тој на вечерните собирања со пријателите го цитира и раскажува гетеовиот Фауст... за наеднаш да запре, и да премине на објаснување теорија за магнетни полиња, тврдејќи дека секој негов изум или истражување може да го види пред себе. Неговите биографи, и науката потоа, оваа склоност ја опишуваат како нагласено силно визуелно размислување и паметење.

Следи селење во Париз, во 1882., каде работи како инженер во американската компанија Едисон. Фирмата добива работа во Стразбур, каде отвараат едносмерна електрична централа, а на отварањето дошол лично и Царот од Виена. Никола Тесла тука го склучил и својот прв истражувачки договор, за развој на индукциски мотор и полифазни системи. Неговиот талент добил респект, и мирисал на заработка. Затоа, Чарлс Бечелор - шефот на фабриката во Париз, сопственост на Томас Едисон, го праќа Тесла во САД со препорака до големиот Едисон. Во препораката пишува: "познавам двајца големи и надарени луѓе. Едниот сте вие, а другиот е младиот човек кого ви го испраќам..."

Така, Никола Тесла во Њујорк почнал да работи за Томас Едисон, кој му понудил 50.000 тогашни долари (денешна вредност од 1,2 милиони долари) ако успее да реализира унапредување на нивните генератори на едносмерна струја. По година дена, Тесла ја завршил работата како што било договорено, но парите не ги добил со образложение од Едисон дека тоа повеќе бил американски хумор, а не сериозна понуда.

Тесла дава отказ и си заминува, и од тука почнува нивното ривалство и меѓусебна борба за доминација во светот на создавањето и траснсферот на електричната енергија. Едисон застапувал примена на едносмерна струја, скапа и за производство и за транспорт, а Никола Тесла на наизменична струја, каква и денес се користи за тие цели.

Набргу Никола Тесла оснива своја компанија (Тесла електрорасвета) која не опстанува, бидејќи финансиерите се повлекуваат, па почнува соработка со Џорџ Вестингхаус. Работи се што може да му донесе заработка, за да има пари за инвестиции во истражувањата. Веќе во 1887 пред стручната комисија на Американското друштво на електроинженери го претстатвува новиот електромотор на наизменична струја. Во лабораториите на Вестинхаус работи на проекти за безжичен пренос на наизменична струја, што е предизвик и примена за денешните и идни времиња, речиси 140 години по неговите истражувањата, чии постапки и резултати се применуваат денес.

Паралелно со Тесла истражувања на појавите и примена на Икс зраците вршел и германскиот научник, физичарот Вилхелм Рендген. Тие соработувале, разменувале мислења околу функцијата на катодните цевки во производство и употреба на Икс зраците. Рендген и Тесла имале и уште нешто заедничко, опседнатост со науката и високи етички критериуми. Или, преведнео на денешен јазик, подготвеност да работат пред се за науката, а не за пари. Кога Рендген, во декември 1895 ги претставил Икс зраците, кои потоа добиле име по него (Рендген зраци), и кога во 1901 година добил Нобелова награда за тие остварувања... одбил да ги прими парите, и наградата ја ставил на располагање на својот Универзитет. Не сакал ни да го патентира својот изум, сметајќи дека науката е за општо добро, а не за личен профит.

Истражувањта на Тесла за Икс зраците, за безжичниот пренос на електрична енергија, и низа други од суштинско значење... исчезнале по пожарот во лабораторијата Вестингхаус, во улицата Хјустон, кој се случил во 1895 година.

Во 1892 Тесла оди на голема научна турнеја по Европа, и држи предавања и опити во Лондон, Париз... во време на турнејата се случува смрт на неговата мајка, која успева да ја посети кусо време пред да почине. Тука, во Госпиќ, се разболува и три недели престојува на лекување во православниот манастир во Грачац. Патува во Белград, држи предавање на белградскиот универзитет, тогаш познат како Висока школа. Во јуни 1892 прима орден Свети Сава од тогашниот српски крал Алексанадар Обреновиќ. Потоа, Тесла во септември таа година ќе биде одликуван и од Англиското друштво на инженери, а набргу ќе стане и почесен доктор на науки на Универзитетот Колумбија во САД.

Тоа се негови години. Време кога Никола Тесла е виден како божји пратеник кој владее со природните сили. Создавал громови во лабораториски услови, ги усмерувал, гаснел и палел по своја воља. Со неговиот, Теслин калем, успева да создаде наизменична струја со напон од еден милион волти. Но, неговотио влиајние е видно и во изумите потребни за секојдневниот живот. Неонската лампа, денес во широка употреба, се смета за негов изум. Тој е клучен за безжичниот пренос на радио бранови, основа на денешната безжична телефонија, и радио сигнал за приемниците, на пример. Кога во 1893 има предавање и показни вежби во Сент Луис, Тесла има публика од 6.000 луѓе. Во 1894 година излегува и првата научна книга посветена на Никола Тесла.

Тесла е човекот од кого почнуваат истражувањата и научната примена на далечинските управувања на денешните уреди, првично замислени како системи за наведување на воените бродови и торпеда. Вршел истражувања на космичките зрачења, и можности за нивна примена. Од друга страна, негов изум се свеќичките во моторите кои ги движат автомобилите... во годините на најголема слава се сели во голема лабораторија во Коларадо спрингс, каде врши најсложени истражувања во тоа време. Денешните ХААРП системи за радио браново дејство врз метеролошките промени се резултат од истражувањата на Никола Тесла од тој период. Во 1890 година лабораторијата во Коларадо спрингс се урива, и распродава заради долгови кон доверителите.

Во тоа време Никола Тесла е веќе научна и урбана легенда, мит и чудо.

Децениите потоа се редат во манијанкална работа, до ниво на опседнатост. Тоа темпо, и тој влог на сопствената енергија и живот во наука, Никола Тесла го плаќа со длабока осаменост. Без реални односи и комуникации со секојдневниот, надворешен свет. Без менаџирање на својата работа, и добивање материјална сатисфакција и статус кој, барем приближно, би бил соодветен за резултаите од неговата работа. Сите наоколу заработувале од него, земале слава, углед и авторитет од неговите изуми и дела, а за возврат му давале услови да работи уште, создава одново, и отвора нови пазари и профити кај кои се појавувале неговите соработници, или неговите финансиери.

Ретко имал реалции и врски со жени, како познатата со Катерина Џонсон, иако ги почитувал и бил импресиониран од нив. Немал свои деца. Од пријатели имал само десетина низ целиот свој американски престој. Меѓу познатите биле писателот Марк Твен, и уредникот на Научниот магазин, Роберт Џонсон. Немал ни свој имот од кој би живеел без грижа. Некаде во времето на Првата светска војна почнал да покажува страв од микроби и зарази од нив, а бил опседнат и од брoјот три, од причини кои не биле познати. До крајност дошла неговата опсесија дека своите изуми треба да ги чува во глава, а да не ги запишува бидејќи може да бидат украдени. Се хранел само со вегетаријанска храна.

Постајано одбегнувал да биде портретиран. Тоа го дозволил само во 1916 година, на сликарката Вилма Лвов Парлаги, откако сам и го средувал светлото во студиото.

Славен како божји дар за науката и човештвото, во време на својата зрелост и потоа живеел без свој имот и постојани приходи, во изнајмена хотелска соба. Во 1917 е сместен во изнајмена соба во хотелот Валдорф Асторија, но морал да се сели заради долг кон сопственикот Џорџ Болт кој пораснал до 20.000 тогашни долари. Токму во тоа време, од друга страна, добива престижна годишна награда на Американската асоцијација на инженери. Наградата, за него иронично, се вика - медал Томас Едисон.

Својот последен изум го патентирал во 1928 година, системот за вертикално полетување и слетување на летала. Денешните хеликоптери, и идните авиони.

Во 1931 година, време на неговиот 70-роденден магазинот Тајм го става на насловна страна, како што денес Тајм со тоа означува лик на годината.

Во 1934 година се поставени првите радари. При поставувањето францускиот експерт Емил Жирардо изјвил дека работата е вршена според истржувањата и резултатите на Никола Тесла. Времето на новите технологии е негово.

Во 1937 е номиниран за Нобелова награда за физика. Тоа е година во која доживува нереќа кога во близина на неговиот хотел бил удрен од такси. Немал блиски за помош, станал сам, отишол до хотелот и шест месеци сам се лекувал од повредите.

Последните две децении Никола Тесла ги живеел осамен. Во хотелска соба, со пари кое Кралството Југославија му ги плаќало како пензија на заслужен граѓанин. Во 1939 година, неговите колеги од Вестингхаус, успеваат да му најдат ангажман во фирмта како соработник за неделна плата од 125 долари.

Лари Пејџ, соосновачот на Гугл, во интервју за магазинот Форбс во 2008 година приказната за Тесла ја нарекол – тажна. - "Тоа е тажна приказна за човек врз чија работa функционираат современите технологии, а сите патенти му ги продале Едисон и Вестингхаус не оставајќи му да живее достоинствено од својата работа", вели Пејџ.

Годините ги минувал во њујоршкиот парк, седејќи сам на клупа, размислувајќи и хранејќи гулаби. Никој, гледано од страна, во таа глетка ни одблизу не можел да претпостави дека е тоа еден од најзначајните луѓе во современиот свет, кому должи голем дел од она што го употребува во животот и работата. Пред се електричната струја.

Умрел на возраст од 87 години, во 22 часот и 30 минути на 7 јануари 1943 година во хотелот Њујоркер, во собата број 3327 на 33. спрат. Сам. Причина за смртта: срцев удар. И дури по смртта пред светот се откриваат сите контраверзи и вистински значења на овој човек, кој умрел осамен и сиромашен, во хотелската соба број 3327, на 33. спрат.

Погребан е пред 2.000 луѓе, во православната црква Свети Јован Богослов, на Менхетн во Њујорк. На погребот свирел неговиот пријател, виолинистот Златко Балоковиќ. По желба на Никола Тесла, биле свирени Аве Марија од Шуберт и српската војничка песна Тамо далеко. Неговото тело е кремирано, а поздравен говор држел градоначаникот на Њујорк, Хенри Лагвардиа: - "Никола Тесла е починат. Умре сиромашен, а беше еден од најкорисните луѓе кои светот ги познава. Она што го создал е големо, и како минува времето ќе станува се поважно..." рекол њујоршкиот градоначалник Лагвардиа на погребот на Никола Тесла, при говорот во црквата Свети Јован Богослов.

Урната со пепел по кремирањето на Никола Тесла во 1957 година е пренесена во Белград, во тамошниот музеј Никола Тесла. Во февруари 2014 година е донесена одлука урната да биде пренесена и трајно поставена во белградскиот храм Свети Сава.

По смртта на Никола Тесла се случуваат работи кои создаваат мистика врз неговото дело, која ден денес е предмет на истражувања и полемика во јавноста.

Со одлука на американската влада сите записи, личен имот, стручни прибелешки и трудови... на Тесла се одземени и прогласени за државен имот, што е исклучок, редок исклучок кога се лични работи и научни трудови во прашање. Американското министерство за одбрана и ФБИ истите ги проглауваат за државна тајна, со што стануваат недостапни за други научни и стручни институции. За оваа мерка, и јавно, се залагал деценискиот шеф на ФБИ Едвард Хувер кој, дополнително, ги категоризирал како – многу доверливи докумнети.

По барање на неговото семејство и југословенските власти, САД дозволиле само мал дел од личните работи да се дадат на семејните наследници кои, потоа, завршиле како експонати во музејот Никола Тесла во Белград.

Брзината, начинот и тајноста која е применета при одземањето од страна на ФБИ на сите трудови и записи кои Тесла ги оставил зад себе ја одржуваат во живот теоријата на мистичност: дека е тоа обезбедување на документација за скриено знаење од интерес за државни и воени потреби. Имено, во научниот свет постои верување, а меѓу мистиците толкување, дека голем број на свои изуми Тесла поставил и решил, но заради немање време или технички предуслови и поддршка, тие не се реализирале тогаш, а се реализираат сега како такви, или модифицирани во современи услови и логистика.

Ова пред се се однеува на системите за радио врски и комуникација на големи далечини, вклучително и низ вселената; користење за создавање на ХААРП системите за радио контрола на метереолошки промени на големи височини што беше возбновено и спомнувано во научни трудови при големите поплави во Србија и Босна во 2014 година; безжичниот пренос на електрична енергија; системите за вертикално подигање и спуштање на летала; употреба на ласер светлина и Икс зраци во воената индустрија...

Најпосле, значењето на Никола Тесла не го утврдуваат мистиците или ФБИ, туку науката и стручната јавност. А тие решиле Никола Тесла да биде член на домот на славните научници на САД... најголемата американска награда во електро науката го носи неговото име. Го сметаат за најзаслужен во изградбата на водопадите на Нијагара. Според Тесла е наречена мерна единица во физиката, која се однесува на густина на магнетен флукс... првите електроавтомобили во САД се наречени Тесла... на 10 јули 1990 година во Американскиот Конгрес е одржана свечена седница по повод 100 години од раѓањето на Никола Тесла, чест каква нема добиено ниту еден американски научник, вклучително и Александар Бел, или неговиот опонент и должник, Томас Едисон.

Во 1943 година Американскиот суд му го признал патентот 645.576 со кој на Никола Тесла му е потврдено авторство и првенство во изумот на денешното радио.

И, кога човек ќе го прочита сето ова... а ова е само дел, мал дел од светот и животот на Никола Тесла, тешко му е да го поврзе со сликата на стар, осамен човек од хотелот Њујоркер кој излегува околу пладне во парк за да ги храни гулабите...

Кога некому кажувам дека човекот е сепак мал, па кога ќе успее да се искачи толку високо да го допре божественото, останува далеку од допирот на луѓето... мислам на двајца: Леонрадо Да Винчи и Никола Тесла.

(Д.П. Латас)

Поврзани

Најнови вести

Коментари