По апсењето по потерница од Србија

Рамуш Харадинај ќе биде сослушан пред францускиот суд

Пуштањето од притвор со кауција би значело дека Харадинај ќе биде на слобода, но нема да смее да ја напушти Франција, тврди неговиот адвокат

Лидерот на Алијансата за иднина на Косово Рамуш Харадинај во четврток има закажано рочиште пред францускиот суд, изјави неговиот адвокат Анианит Коци, тврдејќи дека Харадинај би можел да биде пуштен на слобода со кауција, пишуваат приштинските медиуми.

-Пуштањето од притвор со кауција би значело дека Харадинај ќе биде на слобода, но нема да има право да ја напушти Франција, тврди Коци.

Илјадници граѓани на Косово се одѕваа во петокот на повикот на опозициската Алијанса за иднина на Косово на протестен марш со барање Харадинај да биде ослободен.

Министерството за правда на Србија во четвртокот соопшти дека во најкус можен рок ќе побара испорачување на косовскиот политичар од Франција.

Францускиот апелациски суд претходно одлучи дека Харадинај ќе остане во притвор додека Србија не испрати официјално барање за испорачување.

Харадинај со себе имал дипломатски пасош кога француската гранична полиција го уапсила на аеродромот Басел-Мулхоус во средата, а по потерница од Србија.

Властите на Србија го товарат за злосторства во Косово во времето кога бил заповедник на ОВК и бараат негово испорачување. Српското Министерство за правда до француските правосудни власти ја испратило судската документација во врска со случајот Харадинај, изјавиле за Танјуг од тоа министерство.

Документацијата се однесува на решението за спроведување истрага и одредување мерка притвор од Одделението за воени злосторства на Вишиот суд во Белград, врз основа на кои за Харадинај во 2004 година е распишана потерница.

Извор од француското правосудство соопшти дека истражителите ќе разгледаат дали постојат причини да не се спроведе барањето за испорачување на Харадинај, јавува Ројтерс. Според истите извори, тоа прашање ќе се разгледа "посебно во случај ако станува знор за издавање налог од политички причини". Изворот додава дека ќе биде разгледано дали на Харадинај веќе му е судено за истите дела пред судот за воени злосторства на ОН, пренесува Ројтерс.

Владата на Косово, реагирајќи на притворањето на Харадинај, оцени дека обвинението од Србија против него е незаконско, неправедно и тенденциозно. Косовските власти се обратиле до Франција со барање Харадинај итно да биде ослободен.

Партијата на Харадинај, пак, од Владата во Приштина бара да ги прекине сите контакти со Србија се додека Србија не ги повлече сите меќународни потерници за апсење на лица од Косово.
Инаку, Харадинај во јуни 2015 година беше уапсен во Словенија, исто така по потерница од Србија преку Интерпол. Но, по два дена му беше вратен пасошот и му беше дозволено да ја напушти Словенија.

Србија го товари Харадинај за убиства и тешки злосторства во Косово во 1998 и 1999 година. Тој е поранешен водач на ОВК и поранешен премиер на Косово. Хашкиот трибунал во 2012 година го ослободи од обвиненијата за воени злосторства по што по вторпат беше пуштен на слобода.

Поврзани

Најнови вести

Коментари