Русија ја обвинува Црна Гора

Подгорица: Обвинувањата на Москва се продолжение на специјалната војна

Подгорица ги отфрла обвинувањањата од Русија и наведува дека досега не е забележан ниеден инцидент против руски граѓани во Црна Гора

Министерството за надворешни работи на Црна Гора ги отфрли како невтемелени обвинувањата за "антируска хистерија" во Црна Гора кои, на конференција за медиумите ги изнесе портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

-Не е забележан ниеден случај кој било руски бизнисмен или турист да доживеал непријатност во Црна Гора, ниту во нашата земја постои каков било вид непријателско расположение кон рускиот народ. Во тоа можат да се уверат илјадници руски граѓани кои и ден денес престојуваат во нашата земја, се наведува во соопштението.

Се оценува дека станува збор за "продолжение на специјалната медиумска војна од Москва" со "на сите добро познат мотив – опструкција на приклучувањето на Црна Гора во НАТО сојузот".

- Русија не ја исклучува можноста за провокации против руските граѓани во Црна Гора, вклучувајќи и приведувања врз основа на сомнителни мотиви и нивно предавање на трети земји, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова.

- Во Црна Гора очигледно се создаде неповолна ситуација за Русите. Во одгласите на наглото влошување на билатералните односи, што беше испровоцирано од Подогорица, претстојното пристапување на Црна Гора во НАТО, одлуката на црногорските власти за целосно прифаќање на санкциите на ЕУ против Русија, забележуваме раст на антируското расположение. Согледуваме зајакнување на негативниот однос кон рускиот бизнис и кон нашите сограѓани. Не ја исклучуваме можноста за провокации, апсења врз основа на сомнителни мотиви и предавање на руски државјани во трети земји, главно во САД, истакна Захарова.

Таа нагласи дека поттикнувањето на русофобијата не е карактеристично за Црногорците и целосно лежи на совеста на политичарите во земјата.

Поврзани

Најнови вести

Коментари