Околу 300 терористи се вратиле на Балканот

Официјалните проценки на службите на ЕУ и земјите од Западен Балкан покажуваат дека од појавата на „Исламска држава“, на Блискиот Исток заминале да војуваат околу илјада луѓе од овие простори.

Се проценува дека 200 од нив загинале во борбите во Сирија и Ирак, а 300 се вратиле во своите матични земји. Остатокот се жени и деца кои ги повеле со себе во војна, на страната на ИСИС.

Како што пренесува „Индекс“, седум од нив се државјани на Хрватска. Моментално ги надгледуваат безбедносните служби, а иако поседуваат хрватски документи, двајца се од Босна и Херцеговина, еден од Србија, двајца од Австрија и уште двајца од Швајцарија.

„Никој од нив никогаш не живеел во Хрватска, а хрватско државјанство добиле преку родителите кои се отселиле“, се наведува во текстот.

Меѓутоа, освен официјалните информации познати се и други случаи.

Како што се наведува, позната е приказната за пет млади Хрватки кои им се придружиле на џихадистите во Сирија и Ирак. Пред заминувањето во Сирија и Ирак некои од нив живееле во Босна и Херцеговина, во селото Горња Маоча, во кое има радикални муслимани.

Истражување под наслов „Игра на трпеливост: проценка и одговор на заканата од враќањето на странски борци на Западен Балкан“, покажува дека од 2012 до 2017 година, околу 5.000 луѓе од земјите од ЕУ заминале во Сирија и Ирак, а меѓу нив околоу 1.000 лица од Западен Балкан.

Виена и понатаму е главно место каде се радикализираат и организираат исламистите од Европа. Безбедносните експерти велат дека посебно внимание треба да се обрне и на зајакнувањето на радикалниот исламизам и вахабистичките движења во Словенија.

Словенечката безбедносна служба веќе неколку години ги надгледува исламистичките организации во земјата. Најавија дека радикалните исламисти во иднина би можеле да претставуваат закана за националната безбедност.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари