По повод Денот на РС

Николиќ: Успехот на БиХ е незамислив без успехот на Република Српска

Николиќ кажа дека треба да се создаваат услови во двата составни дела на Босна и Херцеговина луѓето да бидат среќни и задоволни и, независно од се што се случи во минатото, треба да го најдат тоа што ќе ги поврзува и што ќе ги носи напред

Српскиот претседател Томислав Николиќ, кој на 9 јануари во Бања Лука присуствуваше на одбележувањето на Денот на Република Српска, изјави дека ја почитува Босна и Херцеговина и дека сака таа да просперира, а успехот на Босна и Херцеговина е незамислив без успехот на Република Српска, како и дека таа не може добро да напредува доколку не напредува и цела Босна и Херцеговина, соопшти Танјуг.

Николиќ кажа дека треба да се создаваат услови во двата составни дела на Босна и Херцеговина луѓето да бидат среќни и задоволни и, независно од се што се случи во минатото, треба да го најдат тоа што ќе ги поврзува и што ќе ги носи напред.

Во Федерацијата Босна и Херцеговина, истовремено, продолжуваат реакциите по повод одбележувањето на Денот на Република Српска.

Во своето второ обраќање кон медиумите амбасадата на САД соопшти дека „дали ова празнување ќе придонесе за зголемување на политиката на поларизација внатре во Босна и Херцеговина ќе зависи од зборовите и постапките на државните лидери и соодветната реакција на одговорните институции, согласно законот".

„Ги повикуваме лидерите на Босна и Херцеговина да ја почнат новата година со тоа што повторно ќе покажат ангажман за решавање на актуалните предизвици пред кои се исправени граѓаните на оваа земја и ќе ги преземат неопходните чекори за да им осигураат позитивна иднина", соопшти американската амбасада во Сараево.

Поврзани

Најнови вести

Коментари