Женева

Нема напредок во преговорите за кипарското прашање

Кипарските грчки и кипарските турски медиуми јавуваат дека двајцата лидери остануваат поделени по прашањето за претседателското управување со идната држава, како и за присуството на турска војска на островот

Преговарачите не успеваат да се доближат до конечен договор, со кој ќе заврши поделбата на Кипар, соопшти кипарската грчка страна по вториот ден од преговорите во Женева, јави ДПА.

-Ние сме толку одалечени од решението колку и од недостигот на решение. Се разгледуваат тешки прашања, изјави кипарскиот владин портпарол Никос Христодулидис.

Кипарскиот претседател Никос Анастасиадис и лидерот на кипарските Турци, Мустафа Акинџи, ги разгледале економските расходи за повторното обединување на островот и како ќе се управува идната федерална држава.

Но, кипарските грчки и кипарските турски медиуми јавуваат дека двајцата лидери остануваат поделени по прашањето за претседателското управување со идната држава.

Освен тоа, недоговорено останува и прашањето за присуството на турската војска на островот.

Двете страни водат преговори веќе 19 месеци. Последниот круг од преговорите почна на 9 јануари во Женева.

Поврзани

Најнови вести

Коментари