Хрватската еврејска заедница реагира

Не е доволно да се тргне усташката плоча, треба да престане релативизацијата на усташтвото

Координаторот на еврејските заедници во Хрватска вели дека тие нема да присуствуваат на комеморацијата поради релативизацијата на усташтвото

Координацијата на еврејските општини во Хрватска, откако не учествуваше на одбележувањето на Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот на 27 јануари, ни оваа година нема да учествува на државната комеморација по повод годишнината од ослобосувањето на усташкиот логор Јасеновац на 22 април.

Претседателот на Еврејската заедница Загреб и координатор на еврејските општини во Хрватска Огњен Краус на гостување во телевизијата Н1 беше прашан дали отстранувањето на поздравот "За дом спремни" од плочата на припадниците на ХОС во Јасеновац би ја задоволило Координацијата на еврејските општини.

-За мене ни тоа не би било доволно... Сакам да видам резултати, а потоа можеме да зборуваме за заедничко учество на комемеорацијата, порача Краус.

Тој објасни дека "денот на ослободувањето на логорот Јасеновац се обележува секоја, па и оваа година" и дека "Јом Хашоа, Денот на сеќавање на невините жртви на холокаустот, оваа година паѓа на тој ден".

-Нема да присуствуваме на државното обележување на ослободувањето на логорот Јасеновац, туку на 24 април обележувањето на сеќавањето на Јом Хашоа ќе го одржиме во Јасеновац, а не на Мирогој. Зошто? Затоа што ништо не беше направено посладнева година. Не е само поради поставувањето на плочата, туку до реакцијата на државниот врв, претседателка на Републиката и Владата, премиерот. Се случува релативизација на усташтвото и воените ознаки. Ако некој денес црвената ѕвезда ја изедначува со "За дом спремни", со "У", со кукаст крст, тогаш се прашувам каде сме ние, рече Краус, а пренесува Танјуг.

Прашан што сака да порача Еврејската заедница со бојкотот, тој рече: "Сакаме да порачаме дека со таква политика и релативизација на НДХ не можеме и никогаш нема да се помириме. Сите кои завршија во Јасеновац завршија таму со потпис, со поздравот "За дом спремни". Сите. Не само Евреите, туку и Ромите и Србите".

Еврејската верска заедница Бет Израел претходно порача дека одлучила и оваа година да не присуствува на официјалната комеморација во Јасеновац, во знак на протест што Владата не презема конкретни чекори додека во општеството се толерира усташката идеологија.

-Последица од таквото поиггување со еден дел од хрватската историја директно влијае на атмосферата во општеството во кое усташките злосторства се релативизираат, и тоа на сите нивоа, додека истовремено се шири ксенофобија и антисемитизам, соопшти во четвртокот Бет Израел.

Оваа верска заедница потсетува дека 80 отсто од припадниците на еврејската заедница во НДХ се убиени во логорите Јасеновац, Даница, Стара Градишка и други собирни центри или пак усташите им ги испорачале на нацистите, кои ги транспортирале во логорите на смртта како што е Аушвиц.

-Поздравот "За дом спремни" е симбол на намрачниот дел од хрватската историја, за време на кој се извршени стравични злосторства над возрасни и деца, сметаат од Бет Израел.

За припадниците на еврејската заедница свечените манифестни комеморации на кои пригодно се осудува усташтвото и се приклонува кон антифашизмот не се доволни оти секојдневието покажува нешто спротивно на тоа.

Поврзани

Најнови вести

Коментари