Поради немање кворум

Конститутивната седница на косовскиот Парламент не продолжи, кризата продолжува

Претседавачот со Собранието, највозрасниот пратеник Адем Микуловци, кој е од редовите на Движењето „Самоопределување", соопшти дека во собраниската сала присуствувале само 59 од вкупно 120 пратеници, колку што брои законодавниот дом

Продолжението на конституивната седница на косовскиот Парламент, кое беше најавено за вчера, не се одржа поради немање кворум.

Претседавачот со Собранието, највозрасниот пратеник Адем Микуловци, кој е од редовите на Движењето „Самоопределување", соопшти дека во собраниската сала присуствувале само 59 од вкупно 120 пратеници, колку што брои законодавниот дом.

На закажаното продолжение на седницата, како и што најавија ден претходно, не дојдоа 39-те пратеници од изборната коалиција ПАН составена од Демократска партија на Косово (ПДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК) и Иницијативата за Косово, како ни 20-те пратеници од партии на малцинските етнички заедници, меѓу кои и Листа српска, иако нивни претставници присуствуваа на завчерашната консултативната средба на парламентарните партии и најавија дека ќе учествуваат на заседанието што требаше да се одржи вчера.

На седницата не присутвуваше ниту пратеничката Теута Ругова од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), која според косовските медуми, наспроти ставот на нејзината партија, решила да ја поддржи кандидатурата на лидерот на ПДК, на Кадри Весели за претседател на Парламентот.

Потпретседателот на ПДК и актуелен министер за надворешни работи Енвер Хоџај, во име на коалицијата ПАН, го повтори неговиот став дека бараат идната среда прво да се одржи нова консултативна средба на која ќе се утврди датумот за одржување на продолжението на конститутивната седница.

Од друга страна коалицијата ЛАА составена од ЛДК, Алијансата за Ново Косово (АКР) и партијата Алтернатива, им порача на пратениците на ПАН да дојдат на консултативанта седница, но да предложат друг кандидат за претседател на Парламентот.

Пренесувајќи го ставот на ЛАА, пратеникот на ЛДК, Арбен Гаши предложи прво да се изберат петте потпретседатели на Парламентот „како единствена можност за да се создаде нова ситуација", па потоа ПАН да предложи кандидат за претседател.

„Листа српска" ги соопшти условите за поддршка на Влада

Претставниците на партијата „Листа Српска" имаат неколку услови, чие исполнување е пресудно за нивно учество во новата косовска влада или во краен случај да дадат поддршка на која било коалициска влада.

Пренесувајќи ја веста, електронското издание на приштинскиот весник „Експрес" констатира дека „претставниците на српскиот политички субјект го зголемиле пазарот за да бидат дел или да ја поддржат владината коалиција".

- Формирањето на Заедницата на српски општини, поголема застапеност на Србите во институциите, формирање нови општини со мнозинско српско население, како и гаранција дека без српските претставници нема да се задира во имотот кој ним им следува, се само дел од барањата на Листа српска, наведува весникот, констатирајќи дека тоа се „црвените линии" кои јавно ги соопштила партијата.

Поврзани

Најнови вести

Коментари