Приказната за Сабиха Ѓокчен:

Ќерката на Ататурк – прва пилотка на борбен авион

Денес еден од двата истанбулски меѓународни аеродроми го носи нејзиното име

Сабиха Ѓокчен е родена во 1913 година. Била ќерка на Мустафа и Хајрие Ханим. Во раната младост останала сирак. За време на една посета на Мустафа Кемал Ататурк во Бурса во 1925 година, Сабиха побарала дозвола од локалните власти да разговара со Ататурк што и било дозволено, а таа изразила желба да студира во државен интернат.

Откако Ататурк дознал дека е без родители и дека живее тежок живот во сиромаштија, решил да ја посвои и да побара од брат и дозвола да ја одведе во претседателската резиденција Чанкаја во Анкара, каде Сабина би живеела со другите посвоени ќерки на Ататурк. Во Анкара завршила основно училиште, по што се запишала на американската академија "Ускудар" во Истанбул.

Согласно реформите на Турција, Ататурк сакал да спроведе и реформа на турското Воено воздухопловство. По воведувањето на законот за презимињата, Ататурк на Сабиха на 19 декември и го доделил семејното име Ѓокчен, што значи "поврзување со небото". Но, тогаш таа се уште не била авијатичар, за шест месеци потоа да развие страст за летање. Сабиха заедно со Ататурк присуствувала на церемонијата на летачката школа "Турски птици" на 5 мај 1934 година.

Ататурк тука открил дека таа има голема љубов кон леталата и едрилиците, па ја прашал дали сака да стане падобранец, што таа прифатила. Сепак, многу повеќе била заинтересирана за летање, па добила пилотска дозвола. Заедно со осум пилоти, меѓу кои била единствената девојка, испратена е во Русија на курс за пилоти на едрилици и авиони. Но, кусо по заминувањето добила вест дека една од посвоените ќерки на Ататурк починала по што со нарушен морал се вратила во Турција, изолирајќи се од друштвените настани.

Бидејќи турскиот закон не предвидувал школување на жени на Воениот колеџ, од Ататурк добила лична униформа и била запишана на едногодишен курс за спрецијално образование на Авијациската школа во Ескишехир во 1936 година. Откако добила диплома, решила да стане воен пилот на Првиот авијациски полк во Ескишехир.

Тука летала на бомбардери и авиони ловци, и стекнала големо искуство за време на воените вежби во Егејот и Тракија. Кога во 1937 година во регионот Дерсим избил бунт против власта, официјално станала првиот женски пилот на борбен авион и земала учество во задушувањето на бунтот против власта. Според извештајот на Главниот штаб на Турската војска бомбардирала група бунтовници и ликвидирала 50 од нив. За таа заслуга добила "такдинама" (писмо со благодарност). Заедно со писмото добила и награда од Турската воздухопловна организација – Медал за супериорни потфати во операција.

Како награда, во 1938 година е испратена на петдневно патување по балканските земји каде ги презентирала Турските воздухопловни сили. Истата година е наименувана за главен тренер на турската школа на летачи каде служела се до 1954 година.

Со пилотирање се занимавала до 1964 година, кога била пензионирана. За време на својата кариера летала на 22 различни авиони и имала над 8000 часови летање, од кои 32 часа во активни борбени мисии. Починала на 22 март 2001 година во Анкара на возраст од 88 години. Денес еден од двата истанбулски меѓународни аеродроми го носи нејзиното име.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари