Исповед на пилотот на „невидливиот“ авион: Го бомбардирал Белград, а потоа полетале српските ракети...

„Невидливиот" бомбардер на американскиот пилот Дејл Зелко паднал во близина на Белград, а тој откако се катапултирал, се криел со часови од српската војска. На хорор моментите јасно се сеќава и ден денес.

Американецот Дејл Зелко, пилот на „невидливиот" авион „Ф-117" кој што беше соборен од српската против-воздушна одбрана на четвртиот ден од бомбардирањето на НАТО на Србија во 1999-та година, раскажува во серијалот на "National Geographic" наречен "No man left behind" како го преживеал соборувањето на авионот и како бил спасен во најголемата спасувачка акција од крајот на виетнамската војна.

Тој полетал од базата во Италија на 27-ми април и тргнал од северот на Србија кон Белград каде што фрлил две бомби. Во текот на летот, тој вели дека имал некакво лошо претчувство кое што го следело целото време.

„Невидливиот авион не може да комуницира со базата и знаев дека моите нема да знаат доколку ми се случи нешто. Гледајќи ги облаците и бурата во мракот, почувствував некаква тежина од главата до петите. Всушност, бев преплашен", вели Зелко.

Откако ја погодил метата, планирал да се врати во базата. Но, тогаш против-воздушната одбрана на Србија започнала да ги лансира ракетите. Неколку од нив успеал да ги избегне, но потоа една го погодила крилото од авионот. Авионот започнал да паѓа, а Зелко не можел да се катапултира веднаш.

„Се ми пројде низ глава. Мојот живот, семејството, сликата како тагуваат над моето мртво тело, авионот кој што паѓа. И одеднаш се најдов во седиште кое што паѓа. Некако успеав да се катапултирам и започнав да се спуштам со падобранот. Тогаш само размислував за тоа дека српските војници веќе ме чекаат", раскажува американскиот пилот.

Зелко вели дека се спуштил меѓу две села, на триесетина километри од Белград. Паднал во нива и се сокрил во канал за наводнување. Вели дека го вклучил уредот и започнал да бара "GPS" сигнал.

„Ми олесна кога успеав да воспоставам врска со базата. Со часови бев во каналот. Во далечина се слушаа возила, хеликоптер. Одеднаш слушнав дека некој е покрај мене. Видов куче на петнаесетина метри од мене. Го зедов мојот нож и чекав. Но, кучето се сврти и замина", раскажува Зелко.

Кога долетал хеликоптерот од Тузла, тој имал проблеми - уредот за инфрацрвен сигнал се расипал, а на радио врската можел само да слушне „јави се, не те гледаме".

„Скокнав од каналот и испалив сигнална ракета. Чекав кој ќе ме фати прв. Дотрчаа двајца војници. Не знаев чии се тие војници се додека не ми проговорија на англиски јазик. Утредента ѝ се јавив на мојата ќерка и ѝ го честитав 10-тиот роденден. Дури тогаш сфатив дека ме спасиле", раскажува Зелко.

Поврзани

Најнови вести

Коментари