Турција е силно против Курдска држава

Ирачките Курди скапо ќе ја платат цената за референдумот

САД, пак, донесоа одлука да им испорачаат оружје на Курдите од Сириските демократски сили, наменето за борбата против групата Исламска држава (ИД) и покрај противењата на Турција

Турција ги предупреди Курдите од автономната област во Ирак „дека сигурно ќе ја платат цената" за својата упорност да одржат референдум за независност.

- Курдскиот регион би требало да биде свесен дека сигурно ќе ја плати цената за инсистирањето да се одржи референдум и покрај нашите пријателски предупредувања, се посочува во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Исто така, се додава дека се „алармантни" се пожестоки пораките на курдското раководство за независност.

Ирачките Курди на 25 септември планираат да одржат референдум во трите покраини на Ирачки Курдистан, но и во другите спорни територии со мнозинско курдско население. Курдистан е регион во северен Ирак, кој има автономија од 1991 година. Вооружените сили на Ирачки Курдистан учествуваат во офанзивата против Исламска држава.

Најавата за референдумот веќе ги зголемува тензиите, како во Багдад, така и во Техеран и во Анкара. САД, главниот сојузник на Курдите се обидуваат да издејствуваат одложување на референдумот, стравувајќи од дестабилизација на регионот.

Но, и покрај апелите властите во Ирачки Курдистан не се откажуват од референдумот и оценуваат дека со гласањето се отвора патот кон независна држава.

Во случај Ирачки Курдистан да се одвои од Ирак тоа би значело најголемо прекројување на границите на Блискиот Исток од формирањето на Израел во 1948 година. Со тоа од Ирак би се отцепила територија со површина на Швајцарија, богата со нафта.

Ирачки Курдистан зазема околу 10 отсто од ирачката територија и има околу три милиони жители од вкупно 37-милионско население во Ирак.

Курдско малцинство освен во Ирак, има во Турција, во Иран и во Сирија.

САД ќе им испорачаат оружје на Курдите

САД донесоа одлука да им испорачаат оружје на Курдите од Сириските демократски сили, наменето за борбата против групата Исламска држава (ИД) и покрај противењата на Турција, јави ДПА.

- Американскиот претседател Доналд Трамп го овласти Министерството за одбрана да достави лесни оружја, автомати, муниција, блиндирана техника и друга опрема, соопшти портпаролка на Пентагон, Дејна Вајт.

Таа потенцираше дека САД се целосно свесни за загриженоста на Турција.

- Сакаме да ги увериме народот и Владата на Турција дека САД се посветени на превенцијата на дополнителни ризици за безбедноста и заштитата на нашиот партнер од НАТО - Турција, изјави Вајт.

Турција е загрижена поради соработката на САД со Силите за заштита на народот (СЗН), кои ја сочинуваат основата на Сириските демократски сили, во борбата против ИД. Анкара ги смета СЗН за терористичка група поврзана со забранетата Курдска работничка партија (ПКК).

Поврзани

Најнови вести

Коментари