После се

Хан бара редефинирање на односите меѓу ЕУ и Турција

Еврокомесарот за проширување Јохенес Хан во интервју за ДПА изјави дека сака редефинирање на односите меѓу Европската унија и Турција и се надева дека разговорите за тоа ќе започнат на средбата на министрите за надворешни работи од ЕУ во Малта следната недела

Еврокомесарот за проширување Јохенес Хан во интервју за ДПА изјави дека сака редефинирање на односите меѓу Европската унија и Турција и се надева дека разговорите за тоа ќе започнат на средбата на министрите за надворешни работи од ЕУ во Малта следната недела.

Хан нагласи дека е загрижен од резултатите од референдумот во Турција за проширување на овластувањата на претседателот од две причини.

- ЕУ ја има истата загриженост како Венецијанската комисија на Советот на Европа во однос на планираните измени во Уставот на Турција. И второ, референдумот доведе до длабоки поделби во турското општество. Ако планот за уставните измени биде спроведен до крај, тоа ќе значи дека земјата уште повеќе се одалечува од европските стандарди за поделба на власта и за независност на судството, истака Хан.

Запрашан дали ЕУ може еднострано да ги прекине преговорите за членство на Турција, еврокомесарот наведе дека тие фактички запреле поради сериозните проблеми со владеењето на правото и слободата на медиумите во Турција.

Тој објасни дека токму сега не можат да бидат отворени нови поглавја во преговорите со Турција, и покрај тоа што повеќето членки на ЕУ не сакаат формално замрзнување на преговорите.

- По референдумот сепак е дојдено време да се започне фундаменталното разгледување на односите со Турција, вклучително и можноста за преоценка, објасни Хан, потенцирајќи дека не станува збор само за преговорите за членство, туку и за целиот спектар на врски на ЕУ и Турција во областа на безбедноста, борбата против тероризмот, Сирија, бегалската криза, економијата, трговијата и енергетиката.

На прашањето дали враќањето на смртната казна во Турција ќе означува крај на преговорите за членство во ЕУ, Хан одговори: „Да, безусловно!".

Тој додаде дека блиската соработка со Турција треба да се зачува, особено ако се земе предвид дека таа е стратешки партнер на ЕУ и дека земјата има потреба од Унијата.

Хан наведе дека треба да се најде реална форма на односите, што ќе биде од интерес за двете страни.

- Од друга страна, ЕУ треба да се потруди да ги поддржи Турците кои со гласањето со „не" на референдумот ја потврдиле желбата да бидат дел од демократија и покрај репресиите против слободата на говорот. „Турција не е само Ердоган", истакна Хан.

Поврзани

Најнови вести

Коментари