По повод годишнината од обидот за преврат

Ердоган: Ја сочувавме иднината на Турција, а ако сака народот ќе воведеме и смртна казна!

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на митингот во Истанбул го спореди ланскиот неуспешен преврат со турската војна за независност пред скоро 100 години

Над милион турски граѓани учествуваа на митингот наречен „Епопеја на победата за демократија", со кој беше одбележана првата годишнина од обидот за преврат во Турција, што се случи на 15 јули минатата година.

Мостот над Босфорот, сега наречен Мост на мачениците на 15 јули, кој е долг 1,5 километри, беше исполнет со луѓе.

Овој мост е симболично место, бидејќи оттаму почна обидот за преврат откако на него беа распоредени тенкови. Во текот на ноќта, минатата година, на мостот беа убиени повеќе луѓе, но тенковите беа запрени и не им беше дозволено да преминат на другиот брег, што беше одлучувачкиот момент за неуспех на превратот.

Точно на тоа место беше отворен споменикот на мачениците од пучот на 15 јули, во кој загинаа 249 лица, а 2.100 беа ранети. Споменикот го открија Ердоган и неговата сопруга.

Церемонијалниот собир почна во саботата вечерта со конвој на чие чело беше претседателот Реџеп Тајип Ердоган со неговата сопруга Емине. Фатени за рака, тие минаа пеш од домот до мостот, заедно со голема група луѓе, меѓу кои семејствата и блиските на жртвите на превратот.

Митингот започна со пеење на националната химна и едноминутно молчење во спомен на загинатите, по што беше прочитана молитва за мртвите од Куранот за душите на загинатите 249 лица, кои беа споменати секој поединечно.

На предните места додека се читаше молитвата беа Ердоган и неговата сопруга, а исто така и претходниот претседател и сојузник на Ердоган, Абдула Ѓул, како и поранешната прва и досега единствена премиерка на Турција, Тансу Чилер.

Ердоган во говорот пред стотиците илјади луѓе на симболичниот мост во Истанбул неуспешното туркање на власта ја нарече „предавство" и додаде дека граѓаните на неговиот повик да пружат отпор „ја спасија иднината на Турција".

- Овој мост пред една година беше сведок на најкрвавиот злосторнички преврат во нашата историја. Но истата таа ноќ тој стана и сведок на победата. Како и денеска луѓето во рацете имаа единствено знамиња. Но тие имаа посилно оружје. Својата вера, рече Ердоган во своето обраќање.

Турција го обвини свештеникот Фетула Ѓулен кој е во егзил во САД и неговата мрежа за обидот за преврат во кој загинаа 250 лица, а ранети беа 2193 лица. Во борбите загинаа 35 заговорници на превратот.

Ердоган порача дека обидот за државен удар „ниту е прв ниту ќе е последен" и предупреди дека терористички групи ќе работат на поткопување на неговата земја.

-Затоа ние први ќе им ги скинеме главите, рече Ердоган поздравен од мноштво граѓани, додавајќи дека ќе одобри закон за повторно воведување на смртна казна, ако парламентот го предложи.

Турскиот претседател изјави дека и оваа година ќе продолжат ноќните бдеења на граѓаните за демократијата.

Премиерот Бинали Јилдирим пристигна на мостот од Ченегелкој, истанбулски кварт, каде војници убија 17 граѓани за време на обидот за пуч. Заменик-премиерот Нуман Куртулмуш беше меѓу високорангираните владини претставници со премиерот.

- Нема да заборавам и нема да дозволам никој да заборави за 15 јули. Луѓето се уште се гневни. Борбата ќе продолжи, додека не остане ниту еден член на ФЕТО - рече Јилдирим.

Ердоган од Истанбул замина за Анкара, каде по полноќ учествуваше на седницата на Парламентот во спомен на жртвите, која почна во 2:32 минути по локално време, кога Парламентот беше подложен на напад од турски Ф-16 за време на пучот. Опозициските пратеници го бојкотираа настанот.

Во говорот во Анкара Ердоган изјави дека го потпише законот за враќање на смртната казна, доколку му биде доставен.

- Ако таква мерка биде разгледана и усвоена во Парламентот, ќе ја потпишам без двоумење, рече тој.

Поврзани

Најнови вести

Коментари