Според руски Комерсант:

Додик може да го одведе регионот во нова војна

Рускиот весник пишува дека Москва не брза да го поддржи Милорад Додик кој за првпат отворено ја формулираше идејата за "голема Србија"

Доколку дојде до реализација на планот на претседателот на Република Српска Милорад Додик за излегување на овој ентитет од составот на Босна и Херцеговина, тоа би можело да доведе до нова војна во регионот и до засилена конфронтација помеѓу Русија и Западот, оценува московскиот весник Комерсант.

Весникот потсетува дека Додик изјави дека за босанските Срби е подобро да создадат единствена држава со Србија и српските територии на Косово, на кои потоа би им се припоила Црна Гора и додава дека тој и претходно давал слични изјави, но дека сега за првпат толку отворено ја формулирал идејата за голема Србија, пренесува Бета.

Комерсант пишува дека "сензационалната изјава" Додик ја дал спроти Денот на Република Српска, кој меѓународната заедница го смета за незаконски, а Хрватите и муслиманите во Босна за дискриминациски.

Претходно Уставниот суд на Босна и Херцеговина го прогласи Денот на РС за неуставен.
Муслиманите, кои се мнозинско население во БиХ, како и претставниците на меѓународната заедница стравуваат дека по референдумот за Денот на РС Додик е тргнат кон излегување на Република Српска од БиХ.

Неговата изјава спроти празникот ги потврди овие стравувања, пишува весникот. Комерсант оценува дека настанатата ситуација предизвикува речиси неизбежно заострување на конфиктот на лидерот на РС со меѓународната заедница.

Комерсант пишува дека дипломатски извори во БиХ како најреална опција ја гледаат изолацијата на Додик и воведување санкции против РС, а во ако дојде до тоа, според весникот, во конфронтацијата помеѓу Додик и Западот би можеле да бидат вовлечени и Србија и Русија, на чијашто поддршка смета Додик.

Премиерот на Србија Александар Вучиќ одбегна да присуствува на Денот на РС, а спроти референдумот во септември јасно стави до знаење дека Белград не го поддржува неговото одржување, но дека нема намера да се меша во одлуките на босанските браќа, пишува Комерсант.

Весникот наведува дека ни Москва не брза да го поддржи Додик, оти по неговата средба во септември со претседателот Владимир Путин, Кремљ се огласи само со кусо соопштение во кое нема ниту еден збор за референдумот ниту за некаква поддршка.

Поврзани

Најнови вести

Коментари