Цвета Карајанчева е новата претседателка на бугарскиот парламент

Цвета Карајанчева е новата претседателка на бугарскиот парламент. Таа беше избрана со 138 гласа „за“, три „против“ и 71 „воздржан“. Предлогот беше на парламентарната група на ГЕРБ (Граѓани за европски развој на Бугарија).

Карајанчева досега беше потпретседателка на парламентот. Таа ќе го замени Димитар Главчев, кој вчера поднесе оставка откако од БСП за Бугарија побараа негово разрешување и најавија дека нема да учествуваат во работата на парламентот. Барањето за негова оставка беше поддржано и од ДПС.

Бугарската социјалистичка партија и Движењето за права и слободи завчера побараа Главчев да ја напушти функцијата, поднесувајќи 88 потписи за негово разрешување. При поднесувањето на барањето за оставка, тие најавија дека нема да учествуваат во работата на парламентот сѐ додека Главчев не замине од функцијата. Оставката беше побарана откако тој во средата ја отстрани од седницата претседателката на БСП, Корнелија Нинова. Во бугарската историја, Цвета Карајанчева е втора жена, по Цецка Цачева, што стана претседателка на националното Собрание.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари