Турските власти не се откажуваат

Боздаг: Европскиот суд нема право да решава по жалби за референдумот

Турскиот министер за правда Бекир Боздаг изјави дека Европскиот суд за човекови права нема јурисдикција да носи одлуки по жалби поднесени во врска со референдумот во Турција за проширување на овластувањата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган

Турскиот министер за правда Бекир Боздаг изјави дека Европскиот суд за човекови права нема јурисдикција да носи одлуки по жалби поднесени во врска со референдумот во Турција за проширување на овластувањата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган.

Главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) претходно соопшти дека може да поднесе жалба со барање за поништување на референдумот до Уставниот суд во земјата или до Европскиот суд за човекови права. Од ЦХП велат дека ќе ги употребат сите правни средства.

-Ова е сериозна криза на легитимитетот. Ќе ги употребиме сите достапни правни средства. Утре ќе процениме дали ќе се жалиме во Уставниот суд или во Европскиот суд за човекови права, нагласи потпретседателот на ЦХП Булент Тезџан.

Партијата ја најави својата жалба откако Високата изборна комисија ги отфрли нејзините и приговорите на уште две други партии - Демократска партија на народите и Татковинската партија, против резултатите од референдумот.

Десет членови на ВИК гласаа против поништување на гласањето, а еден член гласаше за поддршка на барањето на опозицијата, јави турскиот ТВ канал НТВ.

Опозицијата изрази остри критики од одлуката на изборната комисија, која е усвоена во последен момент на денот на гласањето, да ги прифати како валидни гласачките ливчиња без официјален печат на нив.

ЦХП одлучи сепак да не се повлекува од Парламентот, иако претходно, во знак на протест најави дека можно да го направи тоа поради нерегуларностите на референдумот.

Поврзани

Најнови вести

Коментари