Албанскиот претседател Мета против менување на границите на Балканот

 Албанскиот претседател Илир Мета е против идејата за менување на границите на Балканот. Тој истакна дека менувањето на границите не е решение, бидејќи со тоа ќе се отвори Пандорината кутија, што според него, ќе доведе до непредвидливи случувања.

- Додека нашите земји се стремат кон членство во ЕУ, постои само едно решеније, европско решение за прашањето за границите, тие да станат невидливи и не претставуваат пречка за односите меѓу две земји. Ова е најдобро решение. Второ, на Балканот, секоја нација е некаде во мнозинството а некаде во малцинството, и многу е тешко да се најде решение, изјави Мета за косовската државна телевизија.

Според него многу е важно прашањето за демаркацијата на границата меѓу Косово и Црна Гора да се реши на принципиелен и мудар начин, бидејќи го деблокира процесот за визна либерализација.

- Не велам дека ова прашање може да се реши во ова време, кога Косово е во изборна треска за локалните избори. Но,тоа претставува прашање кое треба да се реши принципиелно, конструктвно и умно, бидејќи е во интерес на Косово да го реши овој проблем, а преку него да се деблокираат другите процеси, посочи шефот на албанската држава.

Мета престојуваше во дводневна официјална посета на Косово, во чии рамки имаше средба со својот колега, косовскиот претседател Хашим Тачи, со премиерот Рамуш Харадинај, со лидерите на поголемите политички партии, како и со претставници на партијата Српска листа.

Тачи на вчерашната средба со Мета се заложи за унапредување на соработката со Албанија и побара од својот колега на Косовците да им се признае албанско државјанство „за да може косовскиот народ да се движи без визи".

Но, претседателот Мета коментирајќи го барањето на Тачи, оцени дека тоа не е вистинското решение.

- Сметам дека тоа не е решение за граѓаните на Косово бидејќи исполнувањето на критериумот за визна либерализација е многу понеопходно за европската интеграција на земјата, посочи Мета.

Поврзани

Најнови вести

Коментари