Нема помирување

Албанската опозиција најави радикализација на протестите

Албанската опозиција, која протестира без прекин од 18 февруари, од следната недела најави радикализација на протестите, почнувајќи со блокирање на сите патни правци во земјата

Албанската опозиција, која протестира без прекин од 18 февруари, од следната недела најави радикализација на протестите, почнувајќи со блокирање на сите патни правци во земјата.

За в понеделник, ден пред доаѓањето во Тирана на германскиот преговарач за надминување на политичката криза во Албанија, Дејвид Мекалистер, кој е претседавач со Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, опозицијата најмалку еден час ќе ги блокира патиштата.

- Ќе се обединиме меѓу 11 и 12 часот за целосна блокада на националниот сообраќај низ цела Албанија, најави лидерот на најголемата опозициска сила во земјата, Демократската партија, Љуљзим Баша,

Тој верува дека оваа форма на протест, користена и претходно од неговата партија, ќе ја засили пораката на одлучност на опозицијата дека не се откажува од барањето за техничка влада.

- Единственото решение е техничка влада со народен мандат да се бори против дрогата, да го гарантира гласот на Албанците и да ги истера криминалците од извршната власт. Дијалог? Апсолутно, за да се постигне тоа, порача Баша.

Тој додава дека она што го почнуваат в понеделник ќе биде само „прво предупредување дека нема враќање од патот за целосна победа на граѓанската кауза".

Паралелно со протестите в понеделник, за кои не ја отфрла можноста да продолжат, обеднетата опозиција се подготвува и за масовен протест на 7 мај во градот Каваја, кога ќе се гласа за избор на градоначалник, со цел, според Баша, да се спречат избори „организирани од соживотот на Владата со криминалот".

Поврзани

Најнови вести

Коментари