Оние кои успеале да дојдат до Европа се елита. Со пари и цел

Ахмед од Либија стигна до Србија: Наместо цркви во Европа ќе се гледаат минариња. Тоа ќе биде нашата освета!

НАТО во крв го облеа целиот Блиски Исток и сега слабата Европа, која му се препушти на американскиот сатана, ќе биде уништена. За пет години лицето на Европа целосно ќе се измени, ѝ рекол на репортерката на весникот Космомолскаја правда во Кањижа, Србија, бегалецот Ахмед од Либија


Рускиот весник Космомолскаја правда објави репортажа на новинарката Дарја Асламова, која ги посетила Србија и Унгарија, а српски Курир пренесува дел од нејзините впечатоци од Белград и Кањижа.
Гратчето Кањижа на српско-унгарската граница е преполно со бегалци. Во 9 отвора кафеаната „Венеција", па бегалците можат да ги наполнат новите ајфони и лаптопи, да одат во тоалет или да ја измијат косата во мијалник.
Во вечерните часови во центарот на Кањижа нема место. Стотици и стотици луѓе сместени на двата централни плоштади чекаат да се стемни, а кога ќе се стемни, тргнуваат. Групите бегалци од 30 до 50 луше се подготвуваат илегално да ја преминат унгарската граница.


Ќе излезат од градот, па ги собира ромската мафија. Ние не смееме да возиме илегалци, но Ромите прават што сакаат. Тие се главни криумчари на бегалци на балканската рута. Ромите ги довезуваат бегалците скоро до границата, а потоа по патишта што само тие ги знаат ги спроведуваат преку шумата во Унгарија. Ова почна во јануари. Луѓе почнаа организирано да пристигнуваат секој ден И протокот се зголемува – раскажува таксистот Виктор.


Голем мигрантски бран


Во 2015 година Европа експлодира. На двете постоечки мигрантски рути – преку Гибралтар до Шпанија и оној преку Медитеранот до италијанскиот остров Лампедуса – им се додаде и новата, безбедната балканска рута. Прво турски Измир, па грчките острови. Прва жртва беше островот Лезбос. Грците им рекоа на Турците на секој можен начин да им помагаат на мигрантите. Се зборува дека Турција намерно ги спонзорира и дека буквално ги турка кон меѓународните води.
Па Атина, Македонија, Србија, Унгарија, па до Австрија и Германија или до Чешка и Словачка. Дури и Англија ненадејно откри дека статусот на остров не може да ја спаси од инвазија. Тунелот под Ламанш секој ден е сѐ пополн со огорчени бегалци. И во Германија власта мораше да ја употреби војската, која даде шатори за мигрантите и ги заштити од лутите мештани.
Од јануари до јули само на балканската рута минаа стотици илјади луѓе, а се предвидува дека до крајот на годината нивниот број ќе изнесува 250000. И следната година ветува катастрофа. Многупати сум работела на „жешки точки" и во животов сум видела многу бегалци, пресреќни кога ќе добијат парче леб. Но, овие бегалци ме импресионираат со благосостојбата и способноста брзо да создадат свои правила.


Бегалците во Белград – целта Германија


Паркот во близина на автобуската станица во Белград изгледа како парковите во многу европски градови. Мажи се мијат во фонтаните, цели семејства спијат на тревата. Штом пристигнав, група момчиња ме предупреди. „Не може да снима овде", ми рече еден на пристоен англиски.
„Паркот е јавно место, а јас сум новинар и си ја вршам работата".
„Тука се нашите жени".
„Па што! Вашите жени и онака носат џихаб и се покриваат од глава до пети. Ако не им се допаѓаат локалните обичаи, можат да се вратат. Знаете дека Белград е главен град на православна држава? И дека жените овде одат со отворено лице? Колку часа сте во Белград?", прашувам.
„Три дена", збунето ми одговори.
„И веќе поставивте свои правила? Ова не е твоја земја", му реков.

Потоа двајцата го намаливме тонот и склучивме примирје. Мојот нов пријател се вика Халид, од Дамаск е и има 21 година.
„Јас сум Сириец", гордо вели. „Не се сите овие Сиријци", со презир покажува кон останатите.
„А зошто е важно тоа", бев изненадена.
„Тие лажат дека се од Сирија. Само Сирија е денеска во мода. Во сите весници. Никој не е заинтересиран за бегалците од Ирак, Авганистан, Либија и Тунис. Овде дури и Авганистанците почнаа да се кажуваат Сиријци".
Халид и неговите другари избегале од Сирија за да не бидат регрутирани во војска.
„Зошто да се борам за Асад? Попрво би заминал во Германија."
„Зошто не барате азил во Грција, Србија или во Македонија?"
„Сиромашни земји се", со презир вели. „Јас дури и не знаев дека Европа е толку сиромашна. Ние во Сирија пред војната живеевме многу богато. Само до Белград на посредниците им платив 3000 долари. А до Германија ќе морам да дадам уште 1500. Имам пари. Можам да платам хотел со 5 ѕвездички овде во Белград, но не ми е дозволено, зашто локалните власти ни даваат само 72 часа да останеме во земјата. Денеска ми завршува регистрацијата. Дури и овде во парков плаќам за туш и тоалет. А кога ќе стигнам во Германија, сѐ ќе биде бесплатно: образование, помош, куќи за мигрантите. И тоа е добро! Сакам да се запишам на економски факултет. Штом ќе се вдомам, ќе го преселам и семејството: двајца браќа, мајка, татко, баба и три сестри."
Сириските бегалци во Белград не се исти како оние што сум ги видела во Либан, оние кои сѐ изгубиле и кои полека умираат под бруталното сонце во преполните кампови, за кои никој не се грижи. Оние кои успеале да дојдат до Европа се елита. Со пари и цел.
Полицијата признава дека постојат екстремисти меѓу мигрантите. Но, сѐ што може да направи е да им земе отисоци од прстите.


Осветата на Ахмед

Со доктор Ахмед се запознав во Кањижа, во кафеаната „Венеција". Маркантен човек, веднаш го забележав. Му се претставив и почнавме да разговараме за тоа што е „модерно" во војна, а што не е, за тоа дека сите бегалци ги увериле локалните власти дека се од Сирија.
„Тренди. Војна! Па, во право си. Европа не сака да слушне за бегалците од Иран и Авганистан, а дури е навредливо да се зборува за бегалците од Либија. Франција и Велика Британија ја бомбардираа мојата земја, а сега ја вртат главата од нас. Велат, ете, ви донесовме демократика, а вие не знаете да ги искористите плодовите на слободата! Всушност, вам, на Либијците, треба да ви е срам што ги изневеривме нашите очекувања. Се каам, и јас испаднав будала. Бевме во еуфорија кога беше соборен Гадафи. Мојот син беше дете, се воодушевуваше од револуцијата, а на крајот загина", раскажува доктор Ахмед.

&;


Неговото лице остана смирено и кога зборуваше за синот – тоа се тие фатализам и воздржаност на жителите на муслиманскиот исток.
„Имам две ќерки. Избегавме во Египет кога почна хаосот оставајќи го гробот на син ми. Јас сум лекар, но во Египет не можев да најдам работа на моето нови. Секаде има конкуренција. Се надевам дека во Европа ќе ја потврдам дипломата. Знам добро англиски. Можеби ќе имам среќа."
„Но, мештаните овде се во паника. Грците, Србите, Унгарците, Словаците и Чесите велат дека тие не се виновни што целиот Блиски Исток и Северна Африка се дават во крв", му велам.
„Немам забелешка за Србите. Засега. Но, Грција, Унгарија, Словачка и Хрватска се во НАТО. Точо е дека тие не ја бомбардираа мојата земја, но зарем не уплатуваат пари во воениот буџет на НАТО пактот? Зарем не испраќаат свои војници во Авганистан и Ирак? Тие нема да можат да ја избегнат казната. НАТО во крв го облеа целиот Блиски Исток и сега слабата Европа, која му се препушти на американскиот сатана, ќе биде уништена. Нашите жени ќе родат многу деца. За пет години лицето на Европа целосно ќе се измени. Јас се радувам на тоа. Ја почитувам големата европска култура и не сакам наместо цркви овде да стојат минариња. Но, така ќе биде. Тоа е освета. Ишалах!", вели Ахмед.

Поврзани

Најнови вести

Коментари